Среќа ли е да се да се љуби некој кој го немаме?
Среќа е или казна? Треба ли да боли среќата? Треба ли да се чувствуваш виновно што некој човек те прави среќен? Што вреди љубовта кога не можеш да си со љубениот?
Што вреди љубовта кога што и да направиш, не можеш ништо да смениш, не можеш да се препуштиш на тоа чувство до крај, без да помислиш на светот околу тебе.
Можеш само да твориш, да пишуваш... Јас творам од болка и умирам. Творам од инспирација и се раѓам. Кога болката станува инспирација, што сум тогаш? Феникс ли сум? Сто пати се родив и сто пати умрев откако те засакав.
Сакам да извикам на цел глас дека си само мој. Да се развикам колку што ме држи глас. Глувите да чујат, немите да речат: „Oва e љубов“. Цела љубов што ја носев во себе, тебе ти ја подарив.
Еден живот живеам, едно срце имам и само тебе можам да те сакам и само тебе можам да те немам. Вреди ли среќата, кога тагата е секогаш толку блиску? Вреди ли среќата, кога болката не ти дава да мрднеш, кога те боли секој најмал дел од телото од помислата дека ќе изгубиш некој, кој на твоето постоење му дава смисла?
Ти, ти на сите мои денови им ги даваш најубавите бои. Ти си ми живот, кога не си околу мене, часовникот застанува и времето ми е вишок.
Како во твоите очи, во ниедни други не ќе се видам. Како твоите дланки, ниедни нема да ми се скроени по мерка. Ниедни прегратки нема да ми бидат потопли од твоите. Од ниедни други бакнежи нема пеперутки да ми летаат во стомак.
Поради тебе се радувам на ноќите и ѕвездите, таму во соништата ти си до мене цело време и ако само на сон можам да те имам, не би се разбудила никогаш. Секојпат кога ќе те изгубам, те сакам сè повеќе и повеќе. Затоа што никој не знае да ме расплаче, насмее, повреди и излечи во исто време.
Тогаш сфаќам, тогаш знам дека е среќа што те имам и за ништо на светов не би ја сменила таа среќа, колку и да е чудна, за никој на светов не би те сменила тебе, колку и да не си мој.
Знам дека убавината наша можеби нема епилог, дури и во најголемите имагинации, но среќа е, среќа е да љубиш. Некои луѓе умираат без да почувствуваат љубов, без да се почувствуваат љубени бар на миг. А тоа, тоа е многу пострашно од чувството да љубиш некој кој не е твој.
Сепак љубиш, а да љубиш значи да постоиш.
Е. Ј. | Црнобело