Кога ќе ни биде најтешко, потсети ме дека нè чека светло на крајот од тунелот
Живееме. Живуркаме. Животариме. Се бориме. Секој нов ден е нова битка. На крајот од вечерта правиме рекапитулација на денот, додека потонуваме длабоко во ноќта.
Дишеме синхронизирано, така полесно се успиваме. Се држиме за раце, дури и кога грбовите ни се свртени еден кон друг. Некогаш зборуваме ние, некогаш зборува тишината.
Понекогаш имам лош ден, а неретко се случува да се врзат неколку ужасни во низа. Тогаш се обидувам да се затворам во мојата школка, затоа што мислам дека така ќе биде полесно за двајцата.
Да одболувам во себе, да самувам во тишина, да ми помине.
Но, ти не ми дозволуваш. Ми ги тегнеш ушите како за среќен роденден. Ми го носиш омиленото чоколадо, ми вариш утринско кафе, иако самиот не пиеш.
Ме скокоткаш за да се насмеам, ми муабетиш банални глупости и длабоки филозофии. Не ме оставаш сама во мракот.
Еднаш прочитав, дека тагата е сируп кој ни е препишан во мали дози до крајот на животот. А ти си тука да ми помогнеш да не се закашлам додека го пијам.
Утре можеби двајцата ќе ја изгубиме работата. Некој може да се разболи. Може да беснеат пожари, поплави, дури и војна.
Може да доживееме уште илјада неправди и разочарувања. И онаа мала лажичка тага која задолжително треба да се сркне.
Животот е непредвидлив. Но, се додека си до мене и ме потсетуваш дека „дури и најтемната ноќ ќе заврши и сонцето ќе изгрее“, јас имам причина да живеам...
(О)Милена | Црнобело