Што мислам кога те молам да не бегаш од мене...
Не можев да одолеам на твојата насмевка. Твоите заводнички кафеави очи и прекрасна кадрава коса. Љубопитноста не привлекуваше еден кон друг, нашите вистини и рани.
Кога те гушнав почувствував волтажа меѓу нас, некаква чудна хемија која ја немав почувствувано долго време кое ми се чинеше како цел еден милениум.
Можев да забележам и почувствувам уште првите денови кога бевме заедно дека си била мачена во минатото од ѕвер. Див ѕвер со глад и жед за женско месо и нежни души. Како Кербер. Не сите твои рани беа површни гребаници и исекотини. Најдлабоките рани беа внатрешни, тешко видливи и камуфлирани.
Но, сите мажи не се ѕверови. Сите мажи не се варварски ловци кои трагаат по плен навечер. Не сите мажи посегнуваат по тебе за да те гушнат со едната рака, а уништат со другата.
Да, музо, има чудовишта во шумата. Ужасни чудовишта со отровни заби и остри канџи кои ги распарчуваат врските. Но, тие се одамна заминати, прогонети. Историјата е само во нашите мисли, во нашето его кое одбира страв, а не љубов.
Кога ги затвораш очите сè уште можеш да ја видиш сенката на ѕверот и твојот поранешен живот.
Сè околу тебе те враќаше назад во минатото.
Звукот на гранки кои се кршат под твоите нозе додека пешачевме низ студената шума со лисја кои добиваа златножолта боја те враќаше назад кон ловецот. Дури и чувството на песок помеѓу твоите прсти и сонцето на твојата маслинова кожа те враќаше назад кон ловецот.
Изгради дебели ѕидини за заштита. Изгради цел замок околу тебе за да се заштитиш од ѕверот.
Јас ти ветив дека ќе те чувам.
Секоја ноќ верно и одговорно гледав надвор од замокот пред да заспијам во длабок сон. Барав знаци на насилно влегување. Ти ветив дека нема да дозволам ѕверот да ти се доближи.
Секогаш кога ќе почувствуваше и најмал мирис, секогаш кога ќе видеше сенка која те потсетуваше на чудовиштето, стравот те облеваше. Бараше знаци дека се доближува...
И додека ни беше добро, музо моја, животот ми беше лесен. Претпоставувам дека мал број на мажи имале можност да ја почувствуваат радоста, како јас кога го делев мојот живот со тебе.
Минатата ноќ додека се бакнувавме таа радост беше постојана. Ако златните сали на Валхала можеа да ја додржат радоста која моето срце ја чувствуваше во тој момент, би се согласил да умрам илјадници пати за да се вратам таму за уште еднаш да го доживеам тоа чувство.
И додека гледав во твоите длабоки кафеави очи, можев да ја здогледам искрената радост во тебе.
Но, дел те тераше да се враќаш назад и да гледаш преку твоето рамо, дали ќе се појави ѕверот. Дел од тебе веруваше дека ова нема да биде вечно, нема да трае. Дел од тебе стравуваше да се врзе.
Заслужуваше голема љубов и посветеност како некоја грчка божица. Како Афродита или Атена. Но, кога стравот надоаѓаше во тебе, мораше да избегаш.
И повторно се загуби...
Како што минуваше времето, ги споделив моите најдлабоки стравови со тебе. Ти верував. Со откритијата ти ја дадов моќта да ме сакаш или критично повредиш.
Јас не сум витез кој ќе те спаси од ѕверот. Јас не сум Херкулес да го распарчи. Немам голем меч со кој ќе ги уништам сите демони и змејови кои те гонат.
Јас сум едноставен човек, со едноставни соништа. Со длабока посветеност само за една жена.
Моја цел е да ти помогнам сама да се ослободиш од сенките.
А, избега толку многу пати...
Престанав да бројам...
Топло ти препорачувам,
Не бегај на секоја слика, сенка и замисла која доаѓа да те прогонува.
Не бегај од иднината затоа што чувствуваш како да е дел од минатото.
Не бегај затоа што се плашиш од емоциите.
Не бегај затоа што те плаши допирот на моите усни.
Не бегај, музо, затоа што не секогаш ќе можам да дојдам по тебе, без разлика на тоа колку те сакам.
Одбери ја љубовта над стравот.
На тоа мислам кога ти велам да не бегаш.