Крај на претставата
Тргнав без да сакам да си одам. Заминав, а толку сакав да се вратам. Чекорев гордо, без да ја свртам главата.
Мислеше не ми е грижа. Мислеше бесчувствителна сум. И јас си мислев: „Не му е важно. Ако му беше ќе кажеше нешто“. Продолжувам бавно, но цврсто да чекорам.
Ти го чувствувам погледот на грбот. Ти го чувствувам здивот во косата. Некако мислам дека ти ја почувствував раката на рамото.
Застанав. Ми дојде душата на место. Знаев. Не ме пушташ ти тукутака. Ме сакаш.
Еве сега ќе се завртам со најголемата насмевка што никој нема да ми ја симне, бидејќи е само за тебе. Ти ќе ја чуваш и насмевката и сјајот во очите. Доволно е.
Може и овде на сред пат да останеме за навек. Еве сега ќе ти се фрлам во прегратка. Нема да ме пуштиш.
Во истиот дел од секундата веќе видов како ме креваш и вртиш. Косата ми лета на сите страни. Трчаме кон врвот на планината, како кога бевме деца.
Секогаш ме претекнуваш и застануваш да ми подадеш рака. Стигнуваме на зајдисонце и остануваме до глува доба, броиме ѕвезди и се лажеме дека е пострашно да се симнеме, отколку да останеме на врвот до изгрејсонце.
А врвот го носиме секаде. Врвот е во нас и со нас. Дното на езерото од другата страна ни беше врв на лудоста и вљубеноста.
Да, да еве сега ќе се свртам, знам дека долго чекаш. Ги отворам очите полека и земам воздух. Подготвен? Еве ме!
Темни облаци. Грмотевица. Татнеж кој го распарува небото како да го дели на пола.
Шамар кој моето скаменето лице не го чувствува. Пукотница која убива сѐ живо во мене. Празна патека.
Од зад планината само громогласно смеење. Ни трага ни глас од тебе. Уште стојам.
Ироничен аплауз. Спуштена завеса. Крај на претставата.
В.М. | Црнобело