Работи што треба да ги знаете ако сакате да работите фриленс
Фриленс работењето станува сè почесто, особено периодов кога повеќе луѓе ја почувствуваа слободата од работењето од дома.
Овој начин на работа е одличен за уште еден извор на приходи, но фриленс работењето можете да го претворите и во кариера.
Ако сте се одлучиле на ваков чекор, важно е да знаете дека не треба да брзате, но и да ги земете предвид следниве нешта:
Потребно е време за да се пробиете
Не очекувајте веднаш да имате полни раце работа и голема заработка, бидејќи потребно е време за да се пробиете на фриленс платформите. Конкуренцијата може да биде многу голема, па дури и да сте експерти во својата област, ќе сфатите дека мора постојано да ги надградувате вештините.
Според успешните фриленсери, потребни се околу три месеци пред да почнете да заработувате доволно. Ова не значи дека вие нема да успеете да го направите тоа побрзо, но важно е да бидете реалистични со вашите цели.
Морате да создадете рутина
Можеби работењето во кревет по пижами ви звучи како работа од соништа, сè додека не сфатите дека не сте се истуширале неколку денови (мала шега).
Бидејќи вие ќе бидете одговорни за вашето работно време, морате сами да си направите рутина.
Одредете кој дел од денот ќе биде за работа и почитувајте го вашето работно време. Истовремено, избегнувајте да работите во пижами – подобро дотерајте се како навистина да одите во канцеларија и самите ќе забележите дека ова има позитивно влијание врз вашата продуктивност.
Најдете место кое ќе ви служи само за работа
Избегнувајте и да работите во вашиот кревет. Кога сте во можност, излезете и работете од некоја кафетерија или ресторан, бидејќи и ова има позитивно влијание врз продуктивноста. Кога сте дома, одберете место кое ќе ви служи како канцеларија – можете да ја користите трпезариската маса, да набавите биро и слично.
Ќе сфатите дека сте лош шеф
Иако кога работите фриленс вие сте вашиот надреден, набрзо постои можност да сфатите дека сте многу лош шеф.
Многу луѓе кои почнуваат со фриленс воопшто не прават паузи додека работат, не ни помислуваат да одвојат ден за одмор и не прават никаква рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот.
Затоа, уште на почетокот поставете си правила кои ќе ги следите – кога е време за ручек, кои денови од неделата се за одмор и слично.