Живот во канцеларија, страв од шефот: Најчестите грешки кои почетниците ги прават на новата работа
Професионалниот живот не е воопшто лесен, но „проблемите“ и грижите дополнително се зголемуваат кога ќе се приклучите на нов тим и ќе дојдете на ново работно место.
Се чувствувате како почетник, тешко е да се приспособите на околината и се соочувате со најразлични предизвици.
Сепак, кога се сака, ништо не е тешко и сè може да се надмине, но важно е да се избегнуваат неколку грешни пристапи во процесот.
Најчестите грешки кои многу почетници ги прават, а треба да ги избегнуваат ако сакаат да се заштитат себеси:
„Живеете“ на работа
Независно од причината, дали заради големата желба за таа работа или заради желбата да се импресионира шефот, почетниците често остануваат на работа подолго од работното време.
Секако, во ред е некогаш да се остане подолго и да се биде посветен на работата, но ако тоа се случува често, голема е веројатноста дека еден ден може да ви дојде преку глава.
Па така, омилената работа ќе ви се претвори во ноќна мора, а понекогаш дури може и да оставите впечаток дека не можете да се справите со работата.
Се плашите да прашате
Никогаш не треба да се плашите да побарате помош или да прашате како нешто треба да биде направено доколку не сте разбрале или не сте сигурни.
Подобро е да се консултирате и да ја завршите работата како што треба, отколку да се правите паметни и на крај да погрешите само затоа што се плашите да прашате.
Тоа не е знак на слабост, туку напротив, ќе покажете интерес за најдобро завршување на работата и спречување на последици.
Постојано чекање на одобрување
Да, добро е да ги слушате барањата, наредбите и одобрувањата кои ви ги даваат надредените, но кога ќе ви остават работа која треба да ја завршите, веројатно сметаат дека сте доволно способни да ја завршите до крај.
Не мора да чекате одобрување за секоја ситница, а со тоа да се одолговлекува времетраењето на задачата и да се ближи крајниот рок.
Мора да научите да ги решавате малите проблеми сами и да покажете дека сте одлични во вашата работа.
Ги земате критиките при срце
Треба да запомните, сека ако сте критикувани, тоа не значи дека некој ве обвинува за сите проблеми.
Критиката понекогаш помага да станете посилни и да созреете професионално, со тоа што ќе станете подобри во работата.
Ако ви укажале на некои грешки, не ги сфаќајте како навреда, запомнете ги и следниот пат не ги повторувајте.
Споредување со претходната работа
Ако новото работно место ви е целосно поразлично од претходното, па дури и имате потешка работа, немојте постојано да го споредувате.
А, ако колегите сами не ве прашаат како ви било претходно, немојте сами да почнувате да зборувате за тоа.
Наметнување на ваши правила
Немојте да бидете нападни со вашите идеи, кои можеби биле добри во претходната работна околина, но не и на новото работно место.
Вие сте тие кои треба да се навикнете на средината во која доаѓате, а доколку навистина имате идеи за подобрување, културно и ненаметливо предложете ги.
М. М. | Црнобело