Правила за однесување на состанок: Како да го користите мобилниот телефон?
Просечно секој го проверува мобилниот телефон околу 100 пати во текот на денот, покажуваат последните истражувања. Но, кога сте на состанок треба да знаете како и кога да го користите.
Професорот Томас Плант од Универзитетот Стенфорд дал неколку правила кои мора да ги знаете при користењето на мобилниот телефон.
Луѓето се поважни од телефоните
Кога сте во друштво, а особено кога сте на работен состанок, телефонот треба да е подалеку од вашите раце. Нема нешто полошо од тоа кога се обидувате да разговарате со некој кој цело време го проверува мобилниот телефон.
Прашајте пред да се јавите
Ако сепак има некоја итна ситуација или имате повик кој не можете ниту да го одбиете ниту да го одложите, тогаш прашајте. Извинете им се на соговорниците и прашајте ги дали ќе им пречи ако на кратко го искористите телефонот. Нема да ве одбијат, а ќе оставите и добар впечаток.
Не дозволувајте луѓето да ве чекаат
Не ги нервирајте колегите и пријателите со тоа што ќе ги оставите да ве чекаат да завршите со телефонскиот разговор, па дури потоа да им се обратите или да им одговорите.
Не правете сè истовремено
Треба да знаете дека не сте способни реално да правите повеќе работи истовремено, туку само го пренасочувате вниманието од една активност на друга. Тоа не значи дека во истиот момент, неколку работи ги извршувате еднакво добро и квалитетно. Односно, ако го проверувате телефонот додека некој ви зборува, тоа значи дека не го слушате со цело внимание и еден момент сте повеќе сконцентрирани на мобилниот, во друг момент сте посконцентрирани на разговорот.
Ако сакате да бидете љубезни и со манири, покажете почит кон другите, бидете едни од ретките кои правилно го употребуваат мобилниот телефон кога се во друштво или на состанок.