4 знаци дека работното место негативно ви влијае на менталното здравје, низ илустрации
Во недела не можете да се одморите затоа што следниот ден е понеделник, од секоја помисла за работата ви се превртуваат цревата – Кои се сигурни знаци дека работното место негативно ви влијае врз менталното здравје и време да побарате нешто подобро?
Ниту едно работно место не може да биде совршено, но кога ќе забележите дека тоа остава сериозни последици врз вашето ментално здравје, тогаш со сигурност треба да си заминете и да си ја побарате среќата на друго место.
Иако никој не сака да се соочи со неизвесноста од барањето нова работа или со нова средина, сепак, ако кај себе забележувате некои од овие знаци тоа може да значи дека дефинитивно треба да почнете да размислувате за промена на професионален план.
Не можете да одморите кога не сте на работа
Колку често ви се случува во времето по работните часови да раскажувате за случките што ви се случиле во текот на работниот ден?
Или во својата глава ментално да се подготвувате за конфронтациите со колегите и претпоставените?
Кога сте излезени со пријателите, наместо да се опуштите и да се одморите, вие постојано се чувствувате под стрес и сте анксиозни, а тоа ви влијае и врз секојдневниот живот, но и ви го нарушува физичкото здравје.
Затоа ако забележите дека и кога не сте на работа постојано се чувствувате под стрес и не можете да се одморите, тоа е знак дека треба да си заминете и да најдете работно место каде ќе можете со завршувањето на работното време да ги оставите обврските зад себе.
Се чувствувате преплавени со негативни емоции
Самата помисла на работата ви создава негативни емоции и чувствувате страв и нелагодност секојпат кога ќе помислите дека треба да одите на работа.
Во недела веќе ментално се подготвувате за следната работна недела која ќе биде вистинско измачување.
„Најлесно можете да препознаете дека вашата работа ви создава проблеми со менталното здравје, ако забележите промени во сопствената ментална и физичка состојба во текот на неделата.
Ако уште пред да започне работната недела вие чувствувате страв или губите надеж, треба да знаете дека работното место ви создава проблеми што мора да ги решите“ – вели психијатарот Грегори Кушник.
Не сакате да се дружите со никого на работното место
Во оној миг кога работното место ќе престане да ве исполнува, веднаш престанувате да се дружите и со колегите и со соработниците и престанувате да им верувате.
Ако забележите дека и за време на паузите целосно се изолирате од дружбите со колегите, а кога работите се трудите да побегнете само за да завршите работа и да си одите дома - време е за нова работа.
Не сте веќе ефективни
Работите понапорно од кога било, а вашиот труд не дава никакви резултати.
Исто така ако забележувате дека ви е сѐ потешко да се сконцентрирате, тоа може да биде знак дека вашето ментално здравје е сериозно загрозено.
Освен тоа, стресното опкружување на работа може да се манифестира и преку физички симптоми, како што се: чести главоболки, напнатост во мускулите, срцебиење, лошо варење на храната и проблеми со желудникот.
Б. С. Б. | Црнобело