Совети за вработени мајки: Како да направите баланс за да не „прегорите“?
Поставете рутина и држете се до неа
За следниот ден, подгответе се уште претходната вечер. Распоредете ја облеката на вашите деца, спакувајте им ги ранците и сè друго што треба за утрешниот ден, со цел да си обезбедите помирно и помалку стресно утро.
Со помош на ваквата секојдневна рутина, ќе го намалите стресот и ќе го избегнете хаосот наутро.
Откако ќе се вратите дома тој ден, одржувајте ја истата рутина, а од тоа корист ќе имате и вие, и целото семејство.
Мора да најдете време за себе
За да бидете целосно присутни на работното место или, пак, покрај вашето семејство, мора да се грижите за себе.
Во секојдневниот куп обврски, многу е лесно да се запоставите себеси. По одреден период, ова ќе резултира со исцрпеност и неконтролиран стрес.
Затоа, однапред планирајте ги активностите и не срамете се да побарате помош секогаш кога ќе почувствувате дека ви е потребно.
Повремено дозволете си да изгледате некој филм, да отидете на кафе со другарка или едноставно да се излежувате во креветот без ништо да правите. Ова ќе ве освежи и ќе ви помогне да го задржите здравиот разум.
Како вработените мајки полесно може да го испланираат своето време?
Како што веќе спомнавме, за вработените мајки многу е важно добро да го испланираат своето време, а за тоа се потребни рутина и ефективни техники. За подобро управување со времето, можеби е најдобро да користите планер, без разлика дали ќе биде на неделно или месечно ниво.
На почетокот на секоја недела одвојте барем еден час наутро и размислете за изминатата недела и испланирајте ја претстојната. Одбележете ги важните денови и настани кои ве очекуваат, родендените, крајните рокови на работа и секој важен датум кој ви претстои.
Исто така, не дозволувајте сите обврски во домот да ви припаднат само вам, туку вклучете го и партнерот.
Можете и да побарате дополнителна помош, без разлика дали ќе биде од некој близок или едноставно ќе викнете еднаш неделно куќна помошничка.
Без вина или срам, што и да одберете треба да бидете сигурни во вашата одлука и да не дозволите тоа да ви создава дополнителен напор или стрес.
Уште една важна работа која можеби треба да има најголема предност кај вас, е да научите да кажете НЕ. Секојдневно се појавуваат нови можности, предизвици, нови обврски дома и на работа…
Но, понекогаш тие нови обврски кои навидум изгледаат мали, може да ви го одземат токму времето кога треба да се туширате или да имате пауза за кафе, па да не можете да се опуштите и да ги наполните батериите. Во тие моменти, треба да знаете да кажете НЕ и да си дадете приоритет на себе.
Помошта и поддршката од партнерот се од особена важност
Кога станува збор за вработена мајка, поддршката и помошта од партнерот се навистина значајни. Заедно живеете, заедно сте создале семејство, дом, заедно растурате, па заедно треба и да средувате и да ги поделите обврските околу децата. Бидете отворени еден кон друг и не дозволувајте да исчезне комуникацијата помеѓу вас.
Секогаш кога ќе почувствувате дека ги губите контролата и балансот, разговарајте и променете ги работите. Многу е важно да бидете тим, па и двајцата да гледате на работите од ист агол.
Верувајте си еден на друг и така ќе создадете здрава врска која ќе биде основа за здраво семејство и вистински пример за вашите деца.
Секако, за да може да бидете добар родител и да градите кариера, потребно ви е време за да научите како да го постигнете совршениот баланс.
Не откажувајте се, направете го првиот чекор и колку што ќе одите понатаму, ќе сфатите дека праксата и рутината се од клучно значење, а задоволна и среќна мајка, значи среќно и сакано семејство.
М. Ѓ | Црнобело / фото: freepik.com