Талат од „Преспав“: Снимањето на „Преспав“ е двапати посмешно од финалниот резултат
Уникатен хумор, интересна фризура, мустаќи и забавна фацијална експресија, сигурно и вие добро го знаете рецепционерот од пансионот „Преспав“.
Харизматичен, забавен и неповторлив, рецепционерот Талат од пансионот „Преспав“ за кусо време ги освои симпатиите на публиката.
Тој внесува хумор во секоја ситуација и само со фацијалната експресија слатко нè смее до солзи во македонската хумористична серија „Преспав“.
Во серијата имаме врвна актерска екипа со познати и признати уметници, но и младиот актер 25-годишниот Дритон Вејсели блесна со својот талент и на одличен начин ни го долови ликот на Талат.
Токму затоа одлучивме да поразговараме со него околу оваа улога, но и околу другите негови проекти:
Талат добро го знаеме од ТВ екраните, а многумина од гледачите на серијата „Преспав“ го прогласуваат токму него за свој омилен лик. Како успеа да го доловиш на толку уникатен и забавен начин?
Искрено, ликот Талат е производ на сценаристите на „Преспав“ Сашо Кокаланов и Елеонора Венинова, јас како Дритон само ги интерпретирам нивните маестрални сценарија на свој начин.
Причината зошто Талат е смешен и уникатен за публиката е во тоа што пред сè и мене ми е многу забавен. Да се биде дел од првиот македонски ситком е огромно задоволство, но истовремено е и голема одговорност, но сметам дека јас како млад актер со многу труд и работа успеав да бидам на ниво на обврската.
Мило ми е што добивам позитивни критики од публиката тоа е најголемата награда што може да ја добие еден актер.
Кој е Дритон Вејсели? Твоите претходни проекти/ планови за иднина/ мото...
Дритон Вејсели е обичен човек кој има огромна љубов кон театарот, сликарството, филмот, музиката и сите други видови на уметност.
Имам одиграно неколку претстави во Драмски Театар Скопје. Имав улога во серија која се емитуваше на Алсат, а во слободно време знам и да цртам.
Што се однесува до иднината не сакам да правам планови и да размислувам што може да се случи зашто сметам дека е поважно да се живее во сегашноста.
Моето мото е „Биди позитивен и среќата ќе те најде самата“.
Како изгледа едно снимање на „Преспав“? Раскажи ни некоја интересна случка од снимањето...
Можам да кажам дека едно снимање на „Преспав“ изгледа двапати посмешно од финалниот резултат, а причина за тоа е позитивната енергија која владее на сетот.
Не би можел да издвојам некоја случка зашто ако ми верувате секој ден имаше по минимум 2-3 случки каде цела екипа се смее до солзи.
Ако не ми верувате еве линк уверете се сами:
Што ти се допаѓа најмногу во ликот и делото на Талат?
Во ликот и делото на Талат најмногу ми се допаѓа тоа што е од Тето'о и се занимава со угостителство.
Мислам дека е многу интересна коинциденција што и јас потекнувам од Тетово и семеен бизнис ни е угостителството, поточно слаткарството, а верувам дека овој факт ми ја олесни работата да се најдам на иста фреквенција со Талат.
Талат и Јас на читателите на crnobelo им препорачуваме редовно да го посетуваат пансионот „Преспав“ пред малите екрани секој вторник и среда од 19:00 часот.
С. С. | Црнобело