Сара од Струга: „Чувам малтезер и германски овчар - како ми изгледа животот со две кучиња дома?“
„За разлика од мојот малтезер Цезар кој е многу независен, мојот германски овчар Кимбо е целосна спротивност. Не може да живее без мене. Ме следи секаде низ домот, во тоалет, во кујна, секако дека спиеме заедно, гледаме ТВ заедно, а кога сум надвор без него лежи и ме чека во мојата соба. Додека не сум дома не јаде и не пие од тага. Кога се враќам се превртува од радост…“, раскажува Сара Матовска (26) од Струга за CRNOBELO.com.
Сара Матовска (26) од Струга е дипломиран правник, а моментално води сопствена фирма за перење и хемиско чистење.
Таа е вљубеничка во животните и има два миленици.
За CRNOBELO.com таа споделува како ѝ изгледа секојдневието со нив:
„Родена сум во семејство кое ги обожава животните, а домашните миленици имаат посебно место за нас. Татко ми одгледуваше долги години шкотски овчари или популарните леси, потоа прејдовме на помали раси како пудлица и пекинезер, па малтезер и на крај се вративме на големите раси со еден прекрасен германски овчар или народски кажано вучјак.
Би рекла секое куче е посебно и секое сум го сакала неизмерно. Но, 26 години живот со миленици е долг период, би ми требале многу страници ако зборувам за сите, па би се задржала на последниве 11 години, кога го зедовме Цезар.
Цезар е малтезер, мало, бело, пуфкасто топче кое е првото куче кое го чуваме дома внатре. Како раса тие се салонски кучиња, создадени за домашни услови, не се митарат, не мирисаат и антиалергени се. Кога го зедов Цезар бев тинејџерка, а тој младо и здраво куче полно со енергија, па секој слободен миг го минувавме надвор.
Цезар има фобија од вода, па плажата не му е баш омилена дестинација ама затоа редовни сме низ парковите и по кејот на реката Црн Дрим.
Сепак, со оглед на животниот век на кучињата и неговите 11 години веќе е возрасен, па прошетките ни се пократки, а тој сега обожава да лежи покрај камин. Премногу сака топлина поради што често викам дека е повеќе мачка него куче.
Цезар е доста паметен, кога зборуваме дома по неговата реакција се гледа дека разбира многу зборови, темпераментен е и не се предава лесно. Би рекла и бестрашен.
А како и да не е, кога веќе година и пол живее со огромен Германски овчар, кој иако е алфа и доминантен, сепак ја почитува хиерархијата и за него Цезар е „закон“.
Кимбо (германскиот овчар) е баш „пандемско куче“. Роден е на 23.07.2020, а во нашиот дом дојде 40 дена подоцна.
Со оглед на староста на Цезар ми недостигаше поактивно куче кое ќе ми биде верен придружник и ќе ме следи секаде. А Кимбо е токму тоа. Верен, лојален, послушен, покорен, интелигентен и љубопитен. Типичен германски овчар.
Пред да го земам наидов на лавина коментари: не е за дома, голем е, мирисаат, па како со две кучиња… Но, во консултација со познатиот кинолошки судија и сопственик на одгледувачницата „Вон дер Црни Дрим“ од каде и потекнува Кимбо, господинот Љупчо Петрески на кој сум неизмерно благодарна за сите совети и насоки кои ги добив, денес Кимбо е солидно дресиран и одлично се снајде во живеењето дома. Би рекла дека е едно големо бебе.
За разлика од Цезар кој е многу независен, Кимбо е целосна спротивност. Не може да живее без мене. Ме следи секаде низ домот, во тоалет, во кујна, секако дека спиеме заедно, гледаме ТВ заедно, текстов го пишуваме заедно, а кога сум надвор без него лежи и ме чека во мојата соба. Додека не сум дома не јаде и не пие од тага. Кога се враќам се превртува од радост.
Благодарение на соодветната исхрана и витамини кои ги прима, Кимбо израсна во здраво и силно куче, кое воопшто не мириса и со соодветно чешлање и капење воопшто немаме проблем со хигиената. А капење обожава. Порасна на плажа и буквално нема трпение додека стигнеме од дома до езеро за да се искапе. Не можеш да го извадиш од вода.