Сопствениците слушнале чудни звуци – на покривот им пронашле 3-метарска змија, тешка 8kg (фото)
Експертот за фаќање змии Стив Браун искористил фен за коса и парче пластика за да ја фати огромната змија што била најдена во покривот на кујната во семејна куќа во Бризбејн, Австралија. Змијата била со должина од 3 метри и тежела 8kg.
Огромниот питон бил најден во покривот на кујната откако претходно сопственикот на куќата слушнал чудни звуци. Тој веднаш го повикал Стив Браун, кој од покривот го извадил огромниот питон. Стив за Daily Mail открива дека целиот процес траел околу час и половина, а по фаќањето, змијата била пуштена повторно во дивината.
„Сопствениците на куќата гледале ТВ и слушнале необични звуци. Отишле да видат што се случува и ја нашле змијата. Ја извадив така што ја боцкав и ја туркав со подолго парче пластика и фен за коса што ја затопли средината и ја натера да излезе“ – вели Стив.
Тој додава дека овој вид змии не се отровни и не се агресивни, но може да нападнат доколку се чувствуваат загрозено.
„Иако не се отровни, каснувањето од змиите со оваа големина може да ви наштети затоа што имаат речиси 100 заби“ - вели тој.
Инаку овој вид питони нормално живеат во околината на Бризбејн и често може да се најдат во покривите на куќите каде што се хранат со глувци и стаорци. Може да израснат и до 4 метри во должина и да се хранат со кучиња, мачки или птици.
Стив редовно споделува фотографии од неговите активности на Facebook. Тој вели дека луѓето треба да се осигураат дека нема да имаат отворен простор во вентилацијата и крововите од каде змиите би можеле да се протнат, со оглед на тоа што во Австралија температурите веќе значително опаѓаат а рептилите бараат засолниште.
Б. С. Б. | Црнобело