Делфините зборуваат во сон, слоновите жалат за саканите - Факти што докажуваат колку сме слични со животните
Мислевте дека зборувањето во сонот, тагувањето за починатите и дебелеењето од стрес се карактеристични само за човекот?
Со животните делиме многу од нашите „човечки“ особини, што само потврдува дека и не сме толку уникатни.
Во продолжение погледнете ги фактите што ќе ви докажат дека во животните има многу повеќе „човечност“ отколку што мислиме:
Слоновите со денови жалат за своите сакани
Според истражувањата, слоновите се изложени на интензивен стрес кога ќе изгубат некој сакан. Всушност, некои од нив можат да жалат за смртта на друг слон и неколку месеци.
Било забележано и дека ако слоновите отидат на местото каде што умрел слон што им бил „близок“, му оддавале еден вид почит. Односно, стоеле тивко и мирно на местото неколку минути.
Наводно, шимпанзата чувствуваат емпатија
Во некои истражувања, шимпанзата покажале знаци на емпатија. Наводно, тие можат да ги почувствуваат и разберат туѓите емоции.
Исто како и кај луѓето, се покажало дека нивото на емпатија било различно кај секое шимпанзо.
Едно истражување забележало и дека шимпанзата импулсивно ги тешат другите од својот вид после пресметка.
Глувците покажуваат изрази со лицето
Според едно истражување, глувците ги искажуваат нивните емоции слично како и луѓето. Наводно, кога чувствувале болка, покажувале неколку различни изрази на лицето.
Истовремено, се покажало дека глувците можат да ја согледаат болката кај другите од нивниот вид и можат да си ги „прочитаат“ емоциите.
Делфините веројатно зборуваат во сон
Во францускиот воден пар Planete Sauvage биле направени неколку снимки на кои се гледа како делфините имитираат звуци од кит додека спијат.
Според француските истражувачи, делфините можеле да ги слушнат овие звуци само во текот на денот. Навечер, пак, веројатно ги имитирале, како еден вид зборување во сонот.
Гулабите можат да се однесуваат нерационално
Според едно истражување, гулабите веројатно сакаат да се коцкаат и понекогаш, свесно или несвесно, ја одбираат поризичната опција.
Се покажало дека понекогаш, овие птици го одбираат потешкиот пат за да ја добијат понудената награда. Според научниците, ова однесување е многу слично на човечкото.
Мачките можат да се здебелат ако се депресивни
Депресијата кај животните не е ништо ново, но малку се знае за нејзиното влијание.
Изгледа дека мачките можат да се здебелат од стрес, анксиозност или ако се несреќни. Односно, драстичната промена во масата на животното може да е поврзана со неговата емоционална состојба.
Веќе знаеме дека истото им се случува и на луѓето.