„Тој го даде својот живот за да нѐ спаси нас“ - Емотивни приказни за полициските кучиња
Полициските кучиња се заштитници на нашата безбедност. Пребарување на дрога и експлозиви, лоцирање на исчезнати лица, пронаоѓање докази на местото на злосторството.
Овие кутриња се на должност, жртвувајќи си го животот за да ги заштитат своите партнери и заедници.
Тие успеваат да го направат сето тоа, а на крајот на денот сè уште изгледаат апсолутно симпатично и неодоливо.
Секој полицаец којшто работел со ваков „колега“ би можел да ви раскаже прилично несекојдневни приказни од времето поминато заедно.
Некои од нив по малку чудни, други смешни, а присутни се и оние таквите кои го параат срцето на две половини.
Затоа, не е ни чудно што за полициските кучиња постојат толку убави приказни, кои често се преточени во прекрасни филмски сценарија.
Во продолжение ви пренесуваме неколку од нив:
Отказ бидејќи бил многу „фин“
Не секое куче е родено за полициска работа. Гавел е кученце кое било запишано во 16-месечна програма за обука на полициски кучиња во Австралија.
Неговите управувачи решиле да го отпуштат поради најневеројатната причина досега - тој бил премногу добар.
„Дружељубивото куче не беше доволно „опасно“ за да би можело да се справи со „лошите момци“ на теренот“ - вели еден од обучувачите.
Тој исто така додава дека малиот Гавел бил толку питом и сладок, што навистина било тешко за целата екипа да се раздели од него.
Но, приказната за Гавел има среќен крај. Тој го направи она што многу луѓе не би можеле ни на сон: влезе во светот на политиката.
Гавел е посвоен од гувернерот на Квинсленд и доби титула Вицерегалско куче. Тој сега е највеселиот и најсреќниот член на истакнатото семејство.
Божиќен херој
Кога полицијата во Флорида открила дека двајца познати осомничени биле забележани во трговскиот центар, тие тргнале во акција за да ги приведат.
Тие биле свесни дека се опасни и додека ги следеле, виделе дека друг маж им се придружува.
При обидите, работите се свртеле на лошо и едниот од нив избегал. Нивната доверлива К-9 полиција започнала да ги брка.
Но, потегот на еден од осомничените, остави тим на спроведувачи кои засекогаш ќе живеат завиени во тага и лоши сеќавања на овој немил настан.
Заштитувајќи ги животите на неговите колеги, тригодишниот Циго бил застрелан од еден од бегалците близу трговскиот центар, точно на Божиќ.
Портпаролката на Кабинетот Тереза Барбера, потврдила дека властите извршиле претрес во потрагата по двајца осомничени, кои се барале со налози за обид за убиство од прво ниво и грабеж со огнено оружје. Оттогаш осомничените се пронајдени.
„Тој го даде својот живот за да ги спаси другите. За да нѐ спаси нас. Тој е добро момче и никогаш нема да биде заборавен. Почивај во мир #K9Cigo“ - една од твитер-објавите на неговите колеги.
Последното испраќање на овој голем херој било проследено со присуството на целата полициска екипа и нивното возило, опкружено со огромен број на разни плишани играчки, цвеќиња и фотографии од најдостојниот, незаборавен „колега“.
Чивавата којашто станала полициско куче
Кога помислувате на полициски кучиња, веројатно прво на памет ви доаѓа Германски или Белгиски овчар, па можеби дури и Пит Бул, но не целата полициска работа е врзана за тоа да биде силна и застрашувачка.
Чивавата Момо е совршен доказ за тоа. Момо го положи тестирањето за полициското куче со пронаоѓање на лице за само пет минути, со употреба на капа како поим за да го добие мирисот.
Всушност, ова мало спретно кученце е особено прочуено во Јапонија каде и се придружи на полициските сили.
Јапонија е земја која е склона кон земјотреси, а доколку би дошло до сериозна штета, тој би помогнал во откривањето на луѓето заробени во урнатините.
Од евтаназија до живот
Главниот херој во оваа приказна всушност е напуштеното, мало лабрадорче по име Лук. Лук бил невообичаено мал за својата возраст и раса, а неговото засолниште во кое престојувал, едноставно немало никакви услови за живот.
Тој бил на чекор од евтаназија, но за среќа луѓето кои го пронашле не можеле да ја прифатат помислата да му стават крај на животот на едно мало, жолто и невино суштество.
Покрај неговата слаткост и итрина, тој имал една карактеристика што особено се истакнувала. Неверојатно сетило за мирис.
На добрите пронаоѓачи „им светнала“ брилијантна идеја. Малиот Лук да стане успешно полициско куче. Тие се обратиле кај вистинскиот полициски обучувач кој ведаш се согласил и започнал со негов тренинг.
Лук поседувал голем потенцијал. По самото започнување на обуката, тој ги надминал очекувањата на цела полициска екипа.
Наскоро, повеќе од јасно било неговото поседување на природен талент за откривање на наркотици и за многу краток временски период се здобил со професионална поставеност.
Проштално писмо
Велат, врската на полициски службеник и неговиот верен партнер со четири шепи е нераскинлива.
Доказ за ова се полицаецот Мајкл Спиталери и неговиот пријател и поранешниот колега, „офицерот“ со име Мајор. Двајцата работеле заедно шест години, како членови на полицискиот оддел во Флорида.
Мајор се пензионирал во 2014 година, поради влошување на неговата здравствена состојба, по што продолжил да живее со Мајкл, како негов миленик.
Но, за жал, неговата состојба сѐ повеќе се влошувала, такашто Мајкл бил принуден да донесе одлука.
По тешките и болни преиспитувања, двоумења и непреспиени ноќи, тој одлучил неговиот најдобар пријател да го испрати на „вечен одмор“.
Дел од неговото проштално писмо:
„Денес беше најтешкиот ден во мојата кариера. Донесов одлука да прекинам нечии болки и страдања.
Нечии? Да, можеби за некого.
Боли многу повеќе отколку што очекував. Веќе ми недостигаш, другар.
Се сеќавам дека те преземав од аеродромот, веднаш пред да започнеме со обуката. Мојот прв впечаток беше следниот: мислев дека си мал и несмасен.
Се чинеше малку срамежлив на прв поглед. Искрено не знаев дали го имаш „она вистинското“ за полициско куче.
Колку само погрешив. Твојата лојалност, твојата бестрашност и твојата искреност ми го докажаа спротивното.
Како тим, постигнавме извонреден успех. За време на нашата прва недела, успешно проследивме и лоциравме маж кој со нож и се закануваше на својата сопруга.
Со текот на годините, лоциравме десетици криминалци, нелегални наркотици, огнено оружје и други предмети со докажана вредност.
Но, овие апсења и откритија не би биле можни без тебе . Да, токму така. Ништо не ќе беше исто без тебе.
Ти направи да изгледам како суперхерој во очите на многу луѓе, кои всушност единствено бараа спас.
Да ти ја кажам вистината?
Јас не бев ништо освен човек кој со туѓи дела го полни своето его. Ти беше најдобриот полицаец кој го познавав.
Чесен збор, навистина. Едноставно, луд по ризици, доволно луд да направиш сѐ за да спасиш нечиј живот.
Кога мораше да се пензионираш поради твоето здравје, го сторив истото.
Не можев да издржам твоите очи секојдневно да ми поставуваат прашања на кои немам одговор. Или можеби имам, но сум еден обичен слабак и не можам да ги изговорам.
Како и да е, тоа го направив само поради едно нешто: те сакав, другар!
И уште те сакам, бескрајно. И мојата сопруга, моите деца кои безусловно ги штитеше и чуваше кога мене ме немаше.
Сега, кога чекориш по небото, заврти лево и упати се кон полициската станица.
Претстави се како најдоброто полициско куче и пријави се за должност.
И чекај ме, ти ветувам дека ќе дојдам.
Те сакам, тато“
Мила М. | Црнобело