Маж облечен како Бетмен спасува и транспортира бездомни животни
„Го предизвикувам секого да го даде најдоброто од себе да ги испразните кафезите во засолништата во својот град – тоа е депресивно место“ – која е приказната зад Бетмен кој спасува кучиња?
Постојат многу животни кои треба да бидат спасени од опасни ситуации, па понекогаш навистина е потребна помош од суперхерој. Крис Ван Дорн можеби не е Брус Вејн, но тој е Бетмен за животните на кои им е потребна помош.
Крис е 27-годишен веган кој спасува животни облечен како Бетмен. Во 2018-та година тој ја основал непрофитната организација Batman4Paws и неговата задача е да ги спаси животните од евтаназија и да ги однесе во нов дом.
„Ми се допаѓаше тоа што Бетмен е мистериозен и симбол за доброто. Токму тоа сакав да биде Batman4Paws – некој што постои само за да прави добро.“
За разлика од Брус Вејн, Крис не е милијардер, а неговиот „бетмобил“ е мал автомобил.. Кога прави паузи по пат, тој дели летоци и зборува за важноста на посвојувањето миленичиња.
„Кога застанувам по пат, луѓето секогаш сакаат да разговараат со мене бидејќи гледаат како Бетмен си полни гориво. Сакаат да знаат зошто сум облечен како Бетмен и зошто имам автомобил полн со кучиња. Па, им кажувам што правам.“
Иако повеќето кучиња што ги спасува не знаат кој е Бетмен, Крис изјавил дека речиси сите се среќни кога ќе го видат. Причината е што со себе секогаш носи ужина за нив.
Неговата прва задача како Бетмен била да пренеси едно куче по име Балто. На почетокот бил навистина нервозен бидејќи не знаел како ќе реагира кучето на маж со костим.
Но немало никаков простор за грижа бидејќи Балто седел на совозачкото седиште и едноставно уживал во неговата слобода.
Крис почнал да волонтира за спасување животни откако неговото семејство посвоило куче по име Mr. Boots. По некое време решил да основа своја организација што ќе им помага на бездомните животни и решил да го носи костимот на Бетмен. Одвреме-навреме на сцената истапува и Mr. Boots облечен како Робин.
„На почетокот бев навистина анонимен. Секаде се потпишував како Брус Вејн, а не со моето вистинско име. Моето мото е ’Не е важно кој сум под маската, она што го правам е тоа што ме дефинира‘. И до денес си стојам на истото.“
Сепак, неговиот идентитет се открил кога започнал кампања за донации на веб-сајтот GoFundMe и кога бил прогласен за херој.
Крис знае да управува и со авион и се надева дека наскоро ќе почне да го користи во неговите мисии.
„Делата кажуваат повеќе од зборовите а јас го давам најдоброто од себе за да ги испразнам кафезите во засолништата. Го предизвикувам секого да го направи тоа во засолништето во неговиот град, бидејќи тоа е навистина депресивно место.
Ако можете да помогнете на кој било начин, без разлика дали ќе посвоите куче или само ќе волонтирате, тогаш направете го тоа.“
Спирова С. | Црнобело