„Судено им е да бидат заедно“ – Глуво момче вдомило глуво куче и го учи на знаковен јазик
Денес сè повеќе луѓе сфаќаат колку е важно посвојувањето куче од засолниште. Наместо да купуваат, луѓето сакаат да им дадат уште една шанса на кучињата кои завршиле без дом.
Но, и овде постои проблем. Најчесто постарите и болни кучиња се изоставени бидејќи никој не сака да се грижи за нив. Малку луѓе се осмелуваат да посвојат куче што бара многу внимание, а еден од нив е Ник Абот.
Овој 31-годишен маж од Мејн бил роден глув и неодамна го нашол Емерсон, куче кое е исто така глуво.
Емерсон бил спасен од страна на здружението NFR Maine чија цел е спасување и згрижување на бездомни животни. Емерсон бил стар околу еден месец и страдал од напади. Но штом се справил со проблемите, веднаш се нашол на листата за вдомување.
Според Линдзи Пауерс која работи за здружението, најверојатно Емерсон не бил роден глув, туку му се случило нешто додека бил мал. За среќа, иако животот му бил навистина тежок, сега конечно го нашол својот дом.
Линдзи објавувала фотографии од Емерсон на социјалните мрежи надевајќи се дека ќе му најде дом. За само неколку недели Ник ја прашал за кучето. Веднаш ѝ кажал на Линдзи дека и тој е глув и дека смета дека ќе се поврзе со Емерсон.
Линдзи била навистина среќна и ја завршила процедурата за вдомување за помалку од 24 часа.
Кога Ник и Емерсон конечно се сретнале, веднаш се поврзале. Според мајката на Ник, нив двајца им било судено да бидат заедно. Ник почнал и да го учи Емерсон на знаковен јазик со едноставни команди за седење, легнување и слично.
Кучињата навистина се најдобриот пријател на човекот, а Ник е пресреќен што го нашол својот.
Спирова С. | Црнобело