5 раси на кучиња идеални за вашето дете
Секое куче има свој карактер и потреби, без разлика на која раса и припаѓа. Децата, исто така, се разликуваат едно од друго по своите потреби, карактер и енергија. Затоа, доколку сте решиле да го збогатите семејството за уште еден член на четири нозе, не потпирајте се на туѓи искуства и препораки.
Вистинската раса за вашето дете ќе ја одберете доколку внимавате на енергичноста на кучето, начинот на живот кој тоа го налага, карактеристиките за неговата раса и возраста и карактерот на детето.
5 предлог раси на кучиња кои имаат афинитети кон децата и може да бидат нивни големи пријатели:
Кокер Шпаниел
Овие кучиња многу веројатно мислат дека се луѓе. Тие се нежни, мили, многу паметни, обожаваат да се во близина на деца и секогаш се присутни кога има акција.
Кокерите се одлични терапевти и се добар избор за анксиозно дете или дете со посебни потреби. Нивните големи, но прекрасни уши се подложни на инфекции, па затоа е многу важно често да се чистат.
Ирски Сетер
Ако барате пријател за групна активност како џогирање или фрлање фризби, сигурно ќе најдете супер соиграч во оваа раса. Ирските сетери изгледаат кралски и се доста големи, живеат долго и затоа може да растат покрај вашите деца.
Тие се беспрекорни другари, многу внимателни со децата и сакаат да си играат со топки и други играчки.
Бигл
Овие преслатки животинки постојано се во потрага по верен другар. Вечните шармери се идеални за вашето дете бидејќи се многу друштвени по природа, интересни се за набљудување и обожаваат да си играат.
Ако сакате куче кое сака да е покрај луѓе, ова е вистинската раса за вас. Но, доколку во вашиот дом нема никој во текот на денот, најдобро е да ги прескокнете.
Златен ретривер
Златниот ретривер е добро познат по својата грижлива природа, и токму затоа важи за една од најпогодните раси за деца. Иако во суштина можеби не им се допаѓа кога децата им ги тегнат ушите и си играат со нивниот опаш, не постои ни најмала шанса тоа да го покажат на агресивен начин.
И не само што се одличен избор за милениче на вашето дете, тие се едни од најпаметните кучиња.
Лабрадор
Делуваат големи, но се вистински љубители на деца. Погодни се за дете со активен начин на живот бидејќи и тие самите обожаваат да се надвор од дома трчајќи и играјќи.
Лабрадорот е куче на кое може да сметате кога станува збор за грижата за вашето дете.
A. Ш. | Црнобело