Чував кучиња и мачки - Какво е моето искуство и што можете да очекувате од нив како миленици?

Бањање

Кучињата не се баш најголемиот љубител на бањањето, меѓутоа со соодветните методи и добрата дресура, може да се помине и со полесни последици.

По бањањето, подгответе се да правите генералка по дома или, во најмала рака, само во бањата.

Фенот е сепак забавен и може да помине како дел од забавата која кучето ја има испланирано со вас.

Мачки и бањање не се баш најдобрата комбинација.

Освен ако не сакате да носите завој на работа или да ве прашуваат познаниците дали сте добро, најдобро е да ја оставите мачката сама да се избања.

Доколку сте навистина толку храбри и се решите вие да ја избањате, спремете се за борба, по која ќе следи неколку часовно гледање со очи полни омраза.

sum-chuval-i-kuchinja-i-machki-kakvo-e-moeto-iskustvo-i-shto-mozhete-da-ochekuvate-od-niv-kako-milenici-05.jpg

Исхрана

Кучињата генерално се секогаш гладни. Нивниот стомак е вреќа без дно.

Мотото им е „Јади додека има“ и често доколку живеете во куќа со двор, не се срамат да побараат храна од случајните минувачи.

Кучињата се одлични глумци, па доколку сте вие случајниот минувач, тие можат да ве расплачат со нивниот гладен изглед.

Мачките се одлични менаџери на својата храна.

Тие знаат точно да темпираат кога да биде празна чинијата за кога ќе влезе ново лице во собата, таа да изгледа како да не јадела со години.

Тие често знаат дома да се пребирливи со нивната исхрана, а кога ќе излезат да јадат сѐ и сешто.

sum-chuval-i-kuchinja-i-machki-kakvo-e-moeto-iskustvo-i-shto-mozhete-da-ochekuvate-od-niv-kako-milenici-09.jpg

Спиење

Омиленото место за спиење на кучињата е крајот од вашиот кревет. Нема ништо што го прави кучето погордо од тоа да ги чува нозете на сопственикот.

Доколку случајно му дозволите да дојде погоре во креветот, нема да се пожали, а доколку украде и некоја прегратка, тоа ќе биде најсреќно на целиот свет.

Единствениот проблем при делење на постелата со вашето куче може да биде делење на прекривката.

Како што реков погоре, кучињата се одлични глумци, па доколку пробате да го извлечете ќебето од под нив, или пробате да ги истуркате, до вас ќе го видите најзаспаното куче на светот (иако откако ќе се откажете, најчесто ќе ви изрази љубов во форма на лижење по рака).

Кога станува збор за мачките, идеалното место е врз некого или нешто (по можност предмет или дел од телото кои во моментот ви се најпотребни).

Не постои правило за тоа каде вашата мачка ќе ја помине ноќта, можеби (доколку сте среќни) тоа ќе биде врз вашите нозе, а можеби и на врвот од вашата глава.

Во секој случај, мора да бидете подготвени на тоа дека каде и да спиете вашата мачка, еден дел од телото ќе ви биде блокиран низ текот на целата ноќ.

Додека делите постела со вашата мачка, подгответе се да изведувате најразлични јога пози и акробации со цел да не го разбудите вашиот мал ангел.

sum-chuval-i-kuchinja-i-machki-kakvo-e-moeto-iskustvo-i-shto-mozhete-da-ochekuvate-od-niv-kako-milenici-09 (2).jpg

Посебни вештини

Кучињата се одлични чувари на домот. Тие се исто така и одлични часовници, така што знаат точно кога е време за прошетка, во колку часот се враќате од работа, или во колку часот им започнува големиот одмор на децата од локалното училиште.

Кучето претставува одличен аларм, кој сепак многу често знае да се вклучи во погрешно време и без причина, на пример во 4 часот по полноќ.

Мачките се одлични масери. Тие што чувале мачка знаат како таа знае да масира. За жал, сѐ што е убаво малку трае, така што мачешката масажа скоро никогаш не трае повеќе од 5 минути.

Мачките исто така може да послужат како одличен аларм, но само доколку сакате да станете во 5 часот наутро.

sum-chuval-i-kuchinja-i-machki-kakvo-e-moeto-iskustvo-i-shto-mozhete-da-ochekuvate-od-niv-kako-milenici-12.jpg

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

еНВи| Црнобело



Би можело да ве интересира:

Фотографии кои покажуваат дека животните ја чувствуваат нашата љубов Колку што ние си ги сакаме мачките и кучињата што ги чуваме дома, толку и тие нè...
Животни кои ги јадат своите машки партнери (па дури и своите малечки) За да преживеат, женките скорпии може да ги изедат своите машки партнери откако ...
Дресер на кучиња открива кои раси никогаш не би ги вдомил – Непријатно мирисаат и не се пријателски ... „Мрсната кожа ги прави да мирисаат лошо, без разлика колку често се капат. Од ми...
Што да правите ако кучето ви уништува сè низ домот? Купете му играчки што може да ги гризе и смирено одвлечете му го вниманието кога...
Совети за нови родители со кучиња: Што да направите кога ќе добиете бебе? Ако пак мислите дека кучето ќе има пократки и поретки прошетки откако ќе пристиг...
Смешна фото-компилација: Ситуации што им се познати на сите кои чуваат мачка Скршена вазна, истурена корпа за ѓубре… Ако имате мачка, сигурно ќе се пронајдет...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg