Чував кучиња и мачки - Какво е моето искуство и што можете да очекувате од нив како миленици?
Кучето е секогаш умно. Сѐ ве разбира и сѐ ве слуша. Толку е паметно што да можеше да зборува, сигурно и ќе ви одговараше. Да не дојде до недоразбирање, и мачката сѐ ве разбира. Таа само одлучува да ве игнорира. Да можеше да зборува, сигурно ќе ви зборуваше позади грб.
Толку слични, а сепак толку различни. Овие ангелски суштества внесуваат топлина во секој дом со векови. Следниов текст е сепак само моето скромно толкување на работите, така што можеби и не се сите податоци 100% точни.
Се работи за тоа како нашите најсакани миленици ги прифаќаат информациите кои доаѓаат од нас.
Што можете да очекувате од мачка, а што од куче како миленик?
Пријателство
Кучето е најдобар пријател на човекот (иако обратното не важи за жал). Ова е најверојатно поради нивната лојалност. Кучињата се секогаш среќни кога ќе го видат својот „газда“ (освен кога не направиле некоја беља). Располагаат со огромна енергија која што обожаваат да ја потрошат во друштво на нивниот најдобар пријател – сопственикот.
Во очите на вашето куче, вие сте алфа и омега, вие сте сѐ на светот и сте незаменливи.
Мачката, од друга страна, не е баш најголемиот ентузијаст кога станува збор за дружба. Повремените играња со ласер и чешкања се супер, но да не претеруваме. Мора да се има граница. Мачката мора да биде таа која ќе ги постави условите.
Ако ги испочитувате сите невербални наредби и ја завршите својата обврска, можеби ќе бидете наградени со предење - ама можеби, не се надевајте премногу.
Послушност
Кучето е секогаш умно. Сѐ ве разбира, и сѐ ве слуша. Толку е паметно што да можеше да зборува, сигурно и ќе ви одговараше. Лесно се учи на нови трикови и ќе даде сѐ од себе за да го пофалите.
Кај кучињата НЕ значи НЕ и никогаш нема да им се повтори тоа за кое биле искарани.
Да не дојде до недоразбирање, и мачката сѐ ве разбира. Таа само одлучува да ве игнорира. Да можеше да зборува, сигурно ќе ви зборуваше позади грб.
Поголема е веројатноста мачката да ве научи вас по некој трик отколку вие неа, меѓутоа убаво е да се обидете.
Во речникот на мачките НЕ значи „Побрзај со тоа што го правиш и бегај.“
Поради ова, многу често доаѓа до недоразбирања.
Шетање
Кучињата се едни од најголемите ентузијасти за прошетките. Доколку заборавите, тие самите ќе ве потсетат.
Шетањето е најдоброто нешто на светот, бидејќи таму се сретнуваат со други кучиња.
Многу е важно да се обележат сите дрвца, ќошиња и сообраќајни знаци до кои ќе поминат, поради тоа што инаку, нема никој да знае кој поминал од тука и зошто.
Прошетката кај мачките е малку незгодна тема.
Или ќе ја пуштите да се шета сама и ќе се врати кога сака, или ќе се скамени и ќе мјаука до вратата сѐ додека не ја пуштите да се шета сама.
Но, ова важи само за мачки кои се научени да излегуваат надвор. Ако вашата мачка целиот живот го поминала дома, немојте никако да ја пуштате надвор бидејќи ќе се изгуби.