Спасив мала хаска, која за возврат ме спаси од насилна врска
Помошта и поддршката понекогаш знаат да дојдат тогаш кога најмалку очекувате, а за една девојка таа помош дошла во форма на крзнено пријателче кое го донела дома откако било напуштено од својата мајка.
„Го најдов Кајро на реклама на Craigslist. Неговата мајка го напуштила заедно со неговите 9 браќа и сестри. Сопственикот побарал онлајн помош за чување на малите кутриња. Јас решив да волонтирам и да му помогнам на сопственикот да ги рани кутрињата со цуцла. На крајот, Кајро заврши во мојот дом, бидејќи не можев да одолеам на неговото дебелко кучешко меше“ - објаснува Аманда Тромп, сопственичката на Кајро.
Моментот кога го посвоила Кајро била во врска во која нејзиниот партнер ја малтретирал, насилна врска од која никогаш не мислела дека ќе може да избега.
Кајро станал нејзиниот изговор да излезе од дома и да прошета. Така започнале нивните авантури, а и желбата конечно да го напушти момчето кое ја малтретира. Дотогаш неговата агресивност била изразена само кон неа, а откако дошол Кајро во домот, агресивност се префрлила и на Кајро.
„Неговата агресивност ја насочи кон Кајро, а не можев да дозволам да му се случи нешто и нему. Затоа решив да го напуштам момчето.“ - објаснува Тромп.
Неколку месеци подоцна открила длабока страст за фотографирање, па решила нивните патувања да ги преточи во фотографии.
„Фотографирањето на нашите авантури ми стана инспирација за повторно да ја откријам храброста, раните да започнат да се лекуваат и да заздравуваат“ - објаснува таа.
Прекарот „Златка и волкот“ го добиле од нејзината мајка. Златка, бидејќи таа има руса коса, а волкот, бидејќи Кајро има сиво крзно како на волк.
Така започнал нејзиниот бизнис и идејата за Инстаграм профил. Преку леќите од камерата таа сега успешно ги доловува бајковитите моменти кои секојдневно ги доживуваат и гледаат заедно со нејзиното крзнено пријателче. Заедно уживаат дури и во најмалите и навидум едноставни моменти.
„Многупати досега ми се случило да забележам дека и Кајро седи и ужива во погледот. Постојано го набљудува светот околу него“ - забележува Тромп.
За неа тој станал извор на храброст и причина да се разбуди во 3 часот наутро и да се искачи на планина само за да ужива во изгрејсонцето.
„Каде ќе бев сега да не беше Кајро во мојот живот? Искрено не знам и не можам да одговорам на тоа прашање. Секој ден сум благодарна што е дел од мојот живот, што заврши во мојот дом. Покрај него, моите стравови исчезнаа. Ми ја покажа личноста која се крие длабоко во мене, која чека да излезе на виделина. Ми помогна да станам онаа личност која потајно посакував да бидам сиот мој живот. А, фокусирањето на фотографиите ми ги отвори очите за светот околу мене“ - заклучува таа.
Н. Г. | Црнобело