Хрватска, Албанија: Морничави напуштени затвори во Европа, кои се отворени за туристи
Голи Оток е хрватски остров во Јадранското Море на кој се наоѓа добро познатиот затвор за политички затвореници. Затворот, некогаш нарекуван и „хрватскиот Алкатраз“, бил и логор за принудна работа и овде се затворале политички затвореници, a подоцна имало и „обични“ затвореници.
фото: Инстаграм
Напуштените згради се морничави сами по себе, но сигурно ќе ве полазат морници ако посетите градба за која знаете дека некогаш била затвор и крие мрачни тајни.
Во Европа има многу напуштени затвори за кои постојат страшни гласини, а во продолжение погледнете пет од нив:
Голи Оток
Голи Оток е хрватски остров во Јадранското Море на кој се наоѓа добро познатиот затвор за политички затвореници.
Затворот, некогаш нарекуван и „хрватскиот Алкатраз“, бил и логор за принудна работа и овде се затворале политички затвореници, a подоцна имало и „обични“ затвореници.
Бил направен во времето на Југославија и работел од 1949 до 1989 година.
Се претпоставува дека во затворот биле затворени околу 16.000 луѓе, од кои помеѓу 400 и 600 починале таму.
Некои извори тврдат дека во затворот починале најмалку 4.000 затвореници, но наводно нема официјална потврда за овој број.
Затворот бил затворен на 30-ти декември 1988 година, а следната година бил целосно напуштен.
Оттогаш не е воопшто реновиран и со текот на времето стана популарна туристичка атракција.
Спач
Затворот Спач се наоѓа во истоименото албанско село, а албанските власти најавија дека планираат да го претворат во музеј.
Сепак, засега не е преземено ништо во врска со ова и не е познато дали ќе го реализираат планот.
Ова е еден од најозлогласените затвори во Албанија, а слично како на Голи Оток, и овде биле затворани политички затвореници.
Затворот бил отворен во 1968 година, а целосно е напуштен од 1991-ва.
Патареј
Затворот Патареј во Талин, Естонија бил изграден во 1800-тите и на почетокот служел како тврдина за одбрана.
Во 1919 година бил претворен во затвор и внатре речиси веднаш биле затворени околу 500 затвореници.
Условите во кои живееле затворениците биле ужасни, а бидејќи келиите биле пренатрупани, многу затвореници биле погубени.
Според некои извори, капацитетот на затворот бил 1.200 затвореници, но во еден период овде имало над 3.000.
Властите во Естонија го користеа затворот до декември 2002 година, а во 2005-та комплексот беше отворен како музеј.
Сепак, набрзо беше затворен, наводно поради недоволна безбедност во објектот.
Денес затворот е во сопственост на претприемач од Естонија кој планира да ја зачува градбата и комплексот да го претвори во музеј и културен центар.
Руму
Уште еден затвор од Естонија, кој е уште поморничав од Патареј.
Затворот бил изграден во 1940-тите, во близина на градот Руму.
Зданието е сместено на наоѓалиште за варовник на кое затворениците биле присилени да работат.
Затворот бил напуштен околу 1991 година, а бидејќи никој не се грижел за него, голем дел од него е под вода - наоѓалиштето каде што е сместен брзо се наполнило со вода и сега е делумно претворено во езеро.
Покрај затворот, надојдената вода „проголтала“ и голем дел од машините за ископување варовник.
Посетата на затворот е надреално искуство бидејќи можете да нуркате помеѓу урнатините.
Лукишкес
Затворот Лукишкес се наоѓа во Вилнус, Литванија, а овде беа снимени и неколку епизоди од популарната серија Stranger Things.
По формирањето на Советскиот Сојуз, затворот служел за привремено држење политички затвореници кои чекале транспорт до некој гулаг.
Затворот ја добил лошата репутација во Втората светска војна, бидејќи овде биле затворани многу евреи.
За разлика од останатите затвори, Лукишкес беше активен до неодамна – официјално го затворија во 2019 година.
Во 2007 година овде беа затворени околу 1.000 затвореници, а во 2009-та се појавија гласини дека затворениците живееле во нехумани услови.
Од 2019 година затворот работи како културен центар, а стана многу популарен благодарение на серијата Stranger Things.
Постојат гласини дека има план една од келиите да се уреди како во серијата и да се издава на Airbnb, но не се познати други детали.
Спирова С. | Црнобело