Што е пироманија и дали сите кои подметнуваат пожари се пиромани?
Подметнувањето пожар е кривично дело, но не секој кој подметнува пожар е пироман – додека криминалците го прават тоа со некаква цел, пироманите делуваат поради импулс над кој немаат контрола, a неретко подоцна чувствуваат и вина.
Секоја летна сезона, пожарите се сериозен проблем во многу земји, а дел од овие пожари се и подметнати.
Кога, пак, ќе слушнеме дека некој подметнал пожар, веднаш претпоставуваме дека е пироман.
Но што точно значи зборот пироман и дали има лек за ова нарушување?
Какво нарушување е пироманијата?
Пироманијата е импулсивно контролно нарушување. Овие нарушувања се карактеризираат со импулсивност, односно неможност да се контролира некое искушение или некој импулс.
Покрај пироманијата, други примери за вакви нарушувања се патолошко коцкање (или зависност од коцкање) и клептоманија.
Кога станува збор за пироманијата, луѓето кои го имаат ова нарушување не можат да ја контролираат нивната потреба да запалат оган, и покрај тоа што се свесни дека можат да предизвикаат штета.
Пироманијата е всушност психолошки проблем и за оние кои ја имаат некогаш е невозможно да ѝ одолеат на желбата да запалат оган.
Кои се симптомите на ова нарушување?
Луѓето кои имаат пироманија се, на некој начин, фасцинирани од огнот. Тие може да чувствуваат задоволство, возбуда и намалување на напнатоста и анксиозноста штом ќе запалат оган.
Според WebMD, за некој да биде дијагностициран со пироманија, мора да ги исполнува следните услови:
- Намерно подметнување пожар повеќепати
- Чувство на напнатост или еуфорија пред подметнување на пожарот
- Покажување опсесија кон оган и сè поврзано со него
- Чувство на задоволство и олеснување при палење или гледање оган
- Подметнувањето пожари да не може да биде објаснето со друго психолошко нарушување
Некои истражувања покажале дека лицата со пироманија иако чувствуваат возбуда, откако ќе подметнат пожар, можат да чувствуваат и вина, особено ако долго време пробувале да му одолеат на импулсот и на крај не успеале.
Зошто настанува?
Не е позната точна причина за појава на пироманија, но бидејќи е ментално нарушување, можно е да е поврзано со генетика или нерамнотежа на хемикалиите во мозокот.
Се верува дека пироманијата може да биде предизвикана од други психички проблеми, како депресија или анксиозност, но и дека може да биде наследна.
Се верува и дека многу стресни и трауматични периоди од животот можат да бидат причина за нејзина појава.
Постојат неколку фактори што го зголемуваат ризикот за појава на импулсивни контролни нарушувања, како пироманијата:
- Физичко малтретирање
- Сексуално малтретирање
- Лоши родители
- Родители со историја на зависности
- Родители кои имале проблеми со законот
Дали секој што подметнува оган е пироман (и колку е често ова нарушување)?
Важно е да се нагласи дека не секој кој подметнува пожари е пироман. Всушност, пироманијата е многу ретко нарушување.
Според WEbMD, во истражување во кое учествувале 90 луѓе кои подметнале пожар повеќе од еднаш, само тројца ги исполнувале условите за ова нарушување.
Односно, луѓето кои подметнуваат пожари од следните причини не се пиромани:
- Финансиска добивка
- Политички верувања и идеологии
- Прикривање криминал
- Халуцинации
- Гнев или одмазда
- Проблеми со расудување поради влијание на дрога или алкохол
Подметнувањето пожар е кривично дело и повеќето луѓе кои го прават ова воопшто не се пиромани.
Иако и пироманите и криминалците намерно ги палат пожарите, разликата е во тоа што пироманите делуваат поради импулс што не можат да го контролираат.
Исто така, ако некој само ужива во гледањето оган, како логорски или од камин, не е пироман. Всушност, многу луѓе уживаат да гледаат ваков оган за кој знаат дека нема да предизвика штета и тоа е нормална појава.
Дали има лек а ова нарушување?
За жал, нема лек за пироманија, но со помош на експерт можно е да се контролираат импулсите за подметнување пожар.
Обично терапевтите користат когнитивно-бихевиорална терапија која вклучува:
- Идентификување на причината за импулсот
- Намалување или елиминирање на лошото однесување
- Заменување на лошата навика со подобра
- Изнаоѓање ефективни методи за справување
- Техники за релаксација
- Разговори за последиците од импулсите
- Лекции за безбедност и спречување на пожари
Спирова С. | Црнобело