Убивал и силувал, но не се сеќавал на делата: Приказната на Били Милиган – мажот во кој „живееле“ 24 различни личности
Били Милиган бил одговорен за силувањето на неколку жени, но и за други злосторства, но бил ослободен. Били имал синдром на повеќекратна личност и во него „живееле“ 24 различни личности, па наводно не ни бил свесен кога другите личности ги извршувале злосторствата.
Били Малиган е најпознатата личност дијагностицирана со синдром на дисоцијативно растројство на идентитетот. Ова нарушување, познато и како синдром на повеќекратна личност, уште претставува вид табу во психологијата бидејќи многу работи не се разјаснети.
Според она што е познато досега, лицата кои страдаат од ова нарушување имаат неколку идентитети, односно личности кои можат да преземат контрола. Обично личноста не е свесна дека во неа „живеат“ и други личности и нема сеќавање до периодите кога контролата ја презела некој од другите негови идентитети.
Другите идентитети можат да бидат од друг пол, да зборуваат со потполно друг акцент, да знаат работи што личноста не ги знае, да имаат потполно различни таленти (за свирење, цртање...), па дури и да бидат многу поинтелигентни.
Филмот Split е делумно инспириран од случајот на Били
Се верува дека синдромот настанува како одбранбен механизам поради многу трауматичен настан.
Во повеќето вакви случаи, лицата имаат само уште еден-два други идентитети, но кај Били Милиган биле забележани дури 24.
Били бил обвинет за неколку силувања и вооружен грабеж, но на крај бил ослободен бидејќи психолозите утврдиле дека тој самиот не е виновен за овие злосторства. Односно, злосторствата ги извршиле неговите други идентитети и тој не ни бил свесен за нив.
Били е првата личност која била ослободена од обвиненија поради овој синдром.
Toj бил роден во 1955 година во Флорида. Неговиот татко имал проблеми со алкохолизам и депресија, а во 1959 година извршил самоубиство.
По ова, мајката на Били, заедно со него и неговите брат и сестра, се преселила во Охајо. Таму го запознала Калмер Милиган со кого стапила во брак.
Наводно, Калмер го малтретирал Били и ова била една од причините за неговото дисоцијативно растројство. Според некои извори, првите идентитети на Били се појавиле кога имал околу пет години, а состојбата само му се влошувала поради тортурата што ја трпел од очувот Калмер.
Првите проблеми на Били со законот почнале во 1975 година, кога бил уапсен за силување и вооружен грабеж. Две години подоцна бил условно ослободен, но набрзо потоа повторно бил уапсен за силувањето на три жени, а бил обвинет и за три обиди за киднапирање.
Сите докази укажувале дека Били е виновен и за грабежот, и за силувањето – една од жртвите го препознала кога ѝ покажале фотографии, а во неговиот дом имало и оружје кое се поврзувало со грабежот.
Додека го чекал судењето, Били отишол на преглед кај психијатар кој му дијагностицирал шизофренија. По ова, Били отишол и кај друг лекар кој утврдил дека тој има и дисоцијативно растројство на личноста.
Били, пак, тврдел дека тој не ги извршил злосторствата, туку дека тоа биле неговите други идентитети и тој не се ни сеќавал на настаните.
Откако бил прогласен за невин поради лошото психичко здравје, Били престојувал во неколку ментални установи.
Според лекарите од установите, физичкото и сексуалното малтретирање од очувот предизвикале создавање на 10, а подоцна веројатно и 24 различни идентитети за кои тој не бил свесен.
Дел од различните идентитети на Били биле Артур – Англичанец кој бил експерт за наука и медицина, Ален – манипулатор, Раген – комунист од Југославија и Адалана – 19-годишна лезбејка.
Во 1986 година Били избегал од установата во којашто престојувал, си направил лажни документи со лажно име и се преселил во Вашингтон каде што живеел со цимер.
Истата година неговиот цимер исчезнал, па Били набрзо бил најден и полицијата се сомневала дека тој го убил цимерот.
Самиот Били, пак, тврдел дека за бегството, а најверојатно и исчезнувањето на цимерот, се виновни неговите други идентитети. Уште не е познато што се случило со неговиот цимер.
Били повторно бил затворен во ментална установа и во 1988 година бил ослободен откако психијатар утврдил дека не претставува закана.
Неколку години подоцна, неговата сестра му купила дом во Охајо каде што го поминал остатокот од животот – починал во 2014-та, на 59-годишна возраст.
Случајот на Били Милиган е опишан во книгата The Minds of Billy Milligan од наградуваниот автор Даниел Кејес кој има завршено психологија.
Неговата приказна, заедно со книгата, делумно се инспирација и за филмот Split. Џејмс Мекавој ја има главната улога и одлично ја доловува транзицијата на неговиот лик од една во друга личност.
Исто така, документарецот на Нетфликс Monsters Inside: The 24 Faces of Billy Milligan зборува за неговиот случај, фокусирајќи се на периодот кога престојувал во разни установи.
Во документарецот се обраќаат и неколку експерти чии мислења се поделени.
Како што напоменавме, самото нарушување е контроверзно и за самите психијатри и психолози. Па, некои експерти веруваат дека Били е професионален измамник, додека другите сметаат дека неговата состојба сепак е резултат на бројните трауми од детството.
Спирова С. | Црнобело