12 знаци дека вашиот живот е многу подобар отколку што мислите
Редовно земате плата, не се грижите дали ќе имате пари за следниот оброк, а можете да најдете и слободно време за некое хоби - ова се само дел од работите што обично ги занемаруваме, но се јасен знак дека нашиот живот и не е така лош.
Можеби ги немате постигнато вашите цели. Можеби ја немате работата од соништата. Можеби уште не можете да си ги дозволите сите работи што ги сакате. И, можеби сето ова ве тера да мислите дека не сте постигнале ништо. Дека сте „заглавени“ и животот не ви оди најдобро.
Но, доволно е само малку да си ја промените перспективата за да ги воочите позитивните работи во вашиот живот и да сфатите дека нештата, сепак, и не се така лоши.
Во продолжение 12 знаци дека ви оди добро во животот, дури и ако не сте ги оствариле сите цели:
1. Овој месец ги плативте сите сметки, а можеби сте имале и да тргнете нешто настрана.
2. Имате стабилно работно место – дури и ако не е работата од соништата, дури и ако платата уште не е висока колку што сакате, заработувате и можете да се грижите за себе.
3. Можете да најдете слободно време, без разлика дали го трошите за гледање серии или нешто продуктивно.
4. Не се грижите дали ќе можете да си го дозволите следниот оброк и можете да си дозволите да уживате во храната наместо да јадете само за преживување.
5. Можете да си дозволите автобуски билет или гориво за автомобилот и можете да си купите шолја кафе наутро без премногу да се грижите како тоа ќе се одрази на вашиот буџет.
6. Не сте истата личност како лани – сте искусиле нови работи, сте научиле нови нешта и сте созреале.
7. Можете да си дозволите задоволства како одење во кино и на концерт, можете да си купите книга или која било ситница што ве прави среќни.
8. Имате повеќе парчиња облека и не мора да се грижите дали ќе имате капут и ракавици за во зима или комбинација за некој свечен настан.
9. Имате лично ваш простор – дури и ако тоа е само еден мал дел од домот, имате место што можете да го наречете ваше катче.
10. Имате барем еден близок пријател кој е овде за вас и во среќните, но и во тажните моменти.
11. Имате цели, а имате и можност да работите на овие цели, без разлика колку долго ќе ви треба да ги стигнете.
12. Сте поминале низ тешки периоди и сте надминале многу предизвици со тоа станувајќи посилна личност, па знаете дека ќе можете да се справите со што било следно.
Спирова С. | Црнобело