Петмина исчезнале среде ноќ, четворица биле најдени на 30 километри од нивниот автомобил – 44 години од најпознатата мистерија во САД
Настанот познат како Yuba County Five, или „петмината од округот Јуба“ е еден од најпознатите и најмистериозните нерешени случаи во САД и 44 години подоцна, никој не знае зошто петте пријатели скршнале од нивниот пат, но и зошто го напуштиле нивниот автомобил. Четворица од пријателите се најдени мртви, додека за петтиот до денес не се знае што му се случило.
Во 1978 година, пет мажи на возраст од 25 до 32 години исчезнале откако заминале да гледаат спортски натпревар во друг град. Иако сите мажи имале мала интелектуална попреченост, сите биле способни да се грижат за себе.
Мажите никогаш не се вратиле од натпреварот, а набрзо потоа бил пронајден нивниот автомобил. Но, од нив немало ни трага.
Дури неколку месеци подоцна, телата на четворица мажи се најдени на околу 30 километри од автомобилот. Уште не се знае каде е петтиот маж.
Најчудното во целата ситуација е што мажите умреле од глад и хипотермија, без разлика што биле во близина на населени места и продавници, како и колиби опремени со храна и печка на дрва.
Кои се петте мажи?
Гери Матијас имал 25 години на денот на исчезнувањето. Тој бил дел од армијата на САД кога развил проблеми со зависност од дрога. Ова, пак, довело до шизофренија, по што Гери бил испуштен од армијата.
Иако закрепнувањето било тешко, Гери сепак напреднувал добро и според неговите лекари терапијата била успешна.
Гери живеел во Јуба, Калифорнија, со неговите родители и најчесто се дружел со четворица други мажи кои истко така живееле со родителите.
Двајца од нив, Стерлинг (29) и Хјуит (24), имале мала интелектуална попреченост, додека другите двајца, Вејхер (32) и Мадруга (30), се сметале за „лица кои учат побавно“.
Попреченоста на мажите не била ништо сериозно и тие можеле да функционираат без некоја голема помош.
Петмината пријатели често играле кошарка, а дури и се подготвувале за турнир. Тие требало да се натпреваруваат на 25 февруари 1978 година и според нивните родители активно се подготвувале за настанот.
Мистериозното исчезнување
Ноќта пред натпреварот, 24 февруари, пријателите решиле да одат во друг град, Чико, на околу 80 километри од Јуба, за да гледаат кошаркарски натпревар. Тргнале со автомобил и откако завршил натпреварот тргнале кон дома.
По пат, околу 10 часот навечер, застанале до маркет за да купат грицки, сокови и млеко, па продолжиле кон дома. Најверојатно, продавачот во маркетот е последната личност што ги видела.
Кога петмината не се вратиле дома до следното утро, загрижените родители ја известиле полицијата.
Наоѓање на автомобилот, но не и петте пријатели
Полицијата неколку денови безуспешно барала околу патот што го поминале момчињата, сè додека еден маж не им кажал дека го забележал автомобилот што го опишуваат.
На 28 февруари полицајците го пронашле автомобилот, но имале повеќе прашања отколку одговори.
На пример, автомобилот се наоѓал околу 110 километри од градот којшто го посетиле и бил подалеку од сите патишта што водат до нивниот роден град Јуба. За да стигнат дотаму, исчезнатите момчиња возеле по „селски“ пат и стигнале до надморска височина од 1.300 метри.
Никој од нив не излегол од дома со соодветна облека, па на родителите и полицијата не им било воопшто јасно зошто би се упатиле кон таму.
Во автомобилот немало никој, но внатре имало амбалажи од грицки, како и празни лименки од пијалаците што ги купиле.
Автомобилот бил заглавен во малку кал и снег и имало знаци дека се обидувале да го извадат, но веројатно безуспешно. Чудно е што според полицијата, петте мажи дефинитивно би имале доволно осила за заедно да го одглават автомобилот.
По детална проверка, полицајците утврдиле дека автомобилот не е воопшто оштетен од лошиот пат. Ова би било возможно само ако возела личност што го познава патот. Ниту едно од момчињата не го знаело овој пат.
Поради лошите временски услови во февруари, полицијата ја одложила потрагата.
Сличен автомобил како оној што го возеле петте пријатели
Некој веројатно ги видел мажите откако исчезнале
Поради популарноста на случајот, многу луѓе се јавиле во полицијата тврдејќи дека ги виделе петте мажи. Двајца се истакнале со нивните приказни.
Очевидецот Џозеф Шонс изјавил дека ја поминал ноќта помеѓу 24 и 25 февруари во областа каде што е најден автомобилот бидејќи таму имал кабина.
И неговиот автомобил се заглавил во снегот, но додека се обидувал да го извади, забележал дека му се јавуваат симптоми на инфаркт. Веднаш се вратил во автомобилот чекајќи болката и симптомите да поминат.
Неколку часа подоцна, зад него забележал светла од автомобил со група луѓе. Според Џозеф, едната личност најверојатно била жена со бебе.
Џозеф веднаш им довикнал за да му помогнат, но штом го слушнале, луѓето ги исклучиле светлата од автомобилот. По некое време повторно видел светла зад него, овојпат од батериски ламби, кои повторно се изгасиле кога довикнал.
Кога се ублажила болката, Џозеф успеал да се врати дома и лекарите утврдиле дека навистина имал мал инфаркт.
Второто сведоштво е од жена која работела во продавница на околу 48 километри од местото каде што е најден автомобилот.
Според жената, четворица мажи кои премногу личеле на исчезнатите дошле во нејзината продавница два дена откако биле прогласени за исчезнати. Тие пристигнале со друг автомобил.
Слична приказна раскажал и сопственикот на продавницата, а според полицијата, тој и жената најверојатно ја зборувале вистината.
Наоѓањето на четирите тела
Многуте мистериозни околности ги терале и родителите, и полицијата да веруваат дека момчињата се можеби убиени. Но, наоѓањето на нивните тела не се совпаѓало со оваа теорија.
Дури на 4 јуни, откако се стопил голем дел од снегот во областа, било пронајдено првото тело. Вејхер бил најден во камп-приколка околу 30 километри од автомобилот.
Следниот ден биле најдени телата на Мадруга и Стерлинг, на околу 18 километри од автомобилот. Телото на Мадруга било делумно изедено од диви животни, додека од Стерлинг успеале да најдат само коски.
Според аутопсиите, тие двајца умреле од хипотермија.
Два дена подоцна, таткото на Хјуит го пронашол ’рбетот на неговиот син, на растојание од 3 километри од автомобилот. Набрзо потоа бил најден и неговиот череп, по што се утврдило дека и тој умрел од хипотермија.
Телото на Вејхер кое било најдено во камп-приколката било покриено со осум чаршафи, вклучувајќи ја неговата глава. Аутопсијата покажала дека умрел од глад и хипотермија. Бидејќи брадата му била порасната, експертите заклучиле дека тој живеел неколку недели повеќе од другите момчиња.
На неговите стапала имало смрзнатини, а до него се наоѓале неколку негови лични предмети, како паричник.
Најчудното во целата ситуација е тоа што во камп-приколката имало топла облека којашто Вејхер можел да ја искористи. Имало и храна, како и печка на дрва – работи кои дефинитивно би му го спасиле животот.
Според некои докази, можно е и другите момчиња да биле во камп-приколката, но никој не е сигурен.
До денес не е познато каде е телото на петтото момче - Гери Матијас.
Теории за бизарниот настан
Никој не може да објасни зошто мажите заминале таму со автомобилот ниту кои настани довеле до нивната смрт.
Постојат претпоставки дека можеби сакале да отидат во друг град во близина, но го погрешиле патот, па заглавиле на планината.
Можеби тргнале пеш со надеж дека ќе најдат помош, но поради ниските температури на големата надморска височина, Мадруга и Стерлинг ѝ подлегнале на хипотермијата.
Ако ова е точно, тогаш најверојатно останатите тројца ја нашле камп-приколката, но уште е мистерија зошто го оставиле Вејхер. Истовремено, не е јасно зошто тогаш Хјуит бил најден на само 3 километри автомобилот - дали можеби се вратил назад или воопшто не отишол подалеку од тоа?
Ова не ги објаснува ни сведоштвата на мажот и жената кои според полицијата сепак биле релевантни сведоци.
Истовремено, уште е мистерија што се случило со Гери Матијас кој до денес се води за исчезнат.
Спирова С. | Црнобело