Практични трикови што ќе ѝ го олеснат животот на секоја домаќинка
Однапред направете оброци за неколку денови, организирајте си го гардероберот и не одете во супермаркет без листа.
На сите ни се чини дека денот е премногу краток и скоро никогаш немаме време за сите планови и обврски.
Па, сигурно ве интересира како можете да заштедите време барем на дел од секојдневните обврски.
Во продолжение неколку практични совети што ќе ви помогнат во тоа:
Однапред правете оброци за неделата
Со ова не само што ќе заштедите време, туку и сигурно ќе почнете да се храните поздраво.
Кога ќе си дојдете од работа, веројатно не сте многу расположени за готвење, најмногу бидејќи готвењето, а потоа и миењето на садовите сигурно ќе ви одземат барем еден час.
Затоа, искористете го слободното време во неработните денови и направете си оброци за барем неколку денови.
Ако, на пример, правите ориз и пилешко, направете поголема количина и дел ставете во фрижидер или замрзнувач. Потоа одмрзнете го јадењето и за само неколку минути ќе имате здрав и вкусен оброк.
Чистете додека готвите
Кога правите јадење, не чекајте да завршите со готвење и да ги извалкате сите садови, па потоа наеднаш да го чистите нередот. Наместо тоа, чистете додека готвите.
Ако правите сос од домати, откако ќе го ставите на рингла, набрзина измијте ги даската за чистење и ножот. Ако чекате да се испече нешто, додека сте во кујната измијте ги садовите што сте ги извалкате и избришете ја масата.
На овој начин, додека да завршите со готвењето, ќе ви биде среден речиси целиот неред што сте го направиле
Направете план пред да одите во маркет
Наместо да лутате низ рафтовите во супермаркетот и да потрошите цел час и многу пари, излезете од дома со план.
Направете листа со намирниците што ви требаат, па во продавницата купете го само тоа.
Ако ви е добро познат распоредот на продуктите, можете и однапред да размислите како да се движите низ маркетот за да не лутате наоколу и побрзо да завршите.
Тргнете ги работите што ви го одвлекуваат вниманието кога работите нешто
Ако често ви се случува да се загледате во телефонот и со тоа да изгубите половина час, тогаш ставете го подалеку од вас кога работите нешто.
Кога ништо нема да ви го одвлекува вниманието, секоја обврска ќе ја завршите многу, многу побрзо.
Купете си будилник
Ако наутро имате навика да губите време на социјалните мрежи, купете си будилник и оставете го телефонот во друга соба.
На овој начин веднаш ќе станете од креветот.
Одделувајте ја облеката за перење веднаш штом ја соблечете
Купете посебна корпа за бела и корпа за шарена облека, па ставајте ја облеката соодветно.
Кога ќе дојде време за перење, нема да губите време во одвојување на облеката, туку само ќе треба да ја наполните пералната и да ја пуштите.
Организирајте го гардероберот
Многу полесно ќе одберете што да носите ако гардероберот ви е среден.
Можете да ја организирате облеката според бојата или според пригодата – за на работа, за излегување…
Спирова С. | Црнобело