Во Индија испразнете ја чинијата, во Јапонија џвакајте гласно – необични бон-тон правила за на маса од целиот свет
Добро познат факт е дека во многу земји од Блискиот исток храната се јаде со раце, без прибор, но можеби не знаевте дека секојпат мора да ја користите десната рака, бидејќи левата се смета за „нечиста“.
Ние сме толку навикнати на бон-тон правилата за на маса што сме ги научиле во детството, што не ни помислуваме дека на некое друго место можат да важат сосема други, кои дури се и спротивни на она што го практикуваме ние.
Секоја култура и секоја држава си има свои правила за однесување на маса и додека некои се повторуваат, постојат многу кои се сосема различни.
Во продолжение неколку од нив:
1. Во Јапонија е неучтиво да ги оставите стапчињата во чинијата со ориз. Исто така, не треба да подавате парче суши со стапчиња за јадење, бидејќи овој обичај се поврзува со погреби.
2. Во Италија не можете сами да одбирате каков сос сакате со разните видови тестенини. Има правила кои сосови одат со кои видови тестенини – на пример, болоњезе сосот треба да се приготвува со таљатели, а не со шпагети.
3. Во Франција е неучтиво да ги ставате рацете на масата додека јадете. Односно, лактите треба да ви бидат „скриени“.
4. Додека кај нас гласното џавкање се презира, во Јапонија ова е како пофалба за готвачот. Имено, според Јапонците, гласното џвакање и „шлапање“ значи дека навистина уживате во оброкот.
5. Во многу земји од Блискиот исток луѓето јадат со раце, но мора да почитуваат едно правило – храната се јаде со десната рака, бидејќи левата ја сметаат за „нечиста“, односно рака што се користи за чистење и слично.
6. Ако сакате да пиете чај како Британец, мора да внимавате да не тропате со лажичето додека го мешате шеќерот. Исто така, не треба да ја оставите лажичката во шолјата, туку на посебен сад наменет за тоа.
7. Ако ве поканат на ручек или вечера во Норвешка, осигурете се дека ќе им се заблагодарите на домаќините. Сите Норвежани се заблагодаруваат за храната секојпат кога јадат во туѓ дом.
8. Во Италија, млечните продукти обично се консумираат наутро бидејќи се сметаат за „потешка“ храна. После пладне, Италијанците избегнуваат да ставаат и млеко во кафето, па преферираат еспресо.
9. Во Португалија, ако на масата нема сол и бибер, неучтиво е да ги побарате бидејќи ова се гледа како навреда за готвачот. Според Португалците, кога барате сол и бибер всушност кажувате дека храната не е добро зачинета.
10. Иако можеби денес не се практикува ова, во Мароко ждригањето по јадење е како пофалба за готвачот бидејќи значи дека добро сте се најале.
11. Французите обично ја сечат марулата со ножици бидејќи, наводно, е полесно и поефикасно, или ја кинат со раце.
12. Во Кина не е препорачливо да ја испразните целата чинија кога јадете бидејќи со ова кажувате дека сте добиле малку храна. Кога одат на гости, од Кинезите се очекува да остават дел од храната во чинијата.
13. Од друга страна, во Индија е неучтиво да оставите храна во чинијата бидејќи тоа значи дека сакате да ја фрлите.
Спирова С. | Црнобело