„Парите не беа проблем, туку децата – ниту еден не ги сакаше“: Адвокати за развод ги споделуваат најлудите случаи
Разводите се честа појава, а постојат многу причини зошто некои парови донесуваат ваква одлука – од неверство и недостаток на љубов, па сè до лоша комуникација. Но некогаш паровите се разведуваат и од најчудните причини, како гласно џвакање.
Адвокатите кои работат со разводи навистина гледаат сè и сешто, особено кога доаѓа ред за делење на заедничкиот имот. Дали поради револтот што го потиснувале со години, сопружниците кои се разведуваат можат да бидат сурови едни кон други до тој степен, што некогаш изгледа комично.
На Редит неколку адвокати ги споделиле најчудните разводи на коишто работеле, а во продолжение можете да погледнете дел од најинтересните:
„Еден клиент мислеше дека сопругата има афера. Таа всушност излегувала со автомобилот со часови бидејќи играла Pokémon Go. На крај сепак се разведоа“.
„Маж и жена водеа битка за пепелник што некогаш го зеле од Лас Вегас (најчудното – ниту еден до нив не беше пушач). Мажот потроши речиси 2.500 долари за судењето, па пред едно сослушување му реков дека е поевтино да ми даде пари, да отидам до Вегас и да му донесам ист пепелник. Тој ми рече дека го сака пепелникот за да го скрши од скалите пред судот во случај да го добие спорот.
Гo доби спорот и го скрши пепелникот. Се смееше и рече дека погледот на бившата сопруга вредел многу повеќе од 2.500 долари“.
„Застапував маж кој се разведуваше од сопругата по 35 години брак. И двајцата беа во доцните 60-ти. За 30-тина минути го поделија целото богатство, а потоа 2 и пол часа се расправаа за две чаши и градинарски алат.
Жената велеше дека ѝ е од татко ѝ, мажот велеше дека го купиле заедно. Некако успеаја да се договорат, откако потрошија 1.000 долари за адвокати само за овие предмети. Три месеци подоцна, повторно се венчаа“.
„Еден колега имаше случај каде што парите не беа проблем, туку децата. Ниту еден од сопружниците не ги сакаше“.
„Пар кој беше заедно две години се раздели бидејќи сопругот постојано го хранел кучето. Кучето беше многу дебело. Наводно, жената мислела дека така би се грижел и за деца“.
„На еден пар му требаа два часа да одлучи кој ќе ги земе продуктите што им останале во заедничкиот фрижидер. Внатре имаше продукти во вредност од 40 долари. Двата часа од моето време, плус советувањето и другите трошоци ги чинеа 1.000 долари“.
„Сведочев како заврши брак по 46 години, само затоа што девојката од средно на мажот повторно била сингл. Подоцна дознав дека мажот се венчал со девојката на истиот ден кога го финализираа разводот“.
„Сопругата џвакала многу гласно, па мажот повеќе не можел да поднесе да јаде со неа“.
„Имав случај каде што жената сакаше да му забрани на бившиот сопруг онлајн да игра Minecraft со неговиот син. Наводно, тоа било контакт меѓу нив двајцата кој не бил дел од договорот за старателството“.
„Ова ми го кажа пријател кој работи со разводи. Жената сакала развод бидејќи мажот ги носел кучињата на прошетка секојпат кога таа била на работа. Според неа, поради ова кучињата повеќе сакале да си играат со него, наместо со неа откако ќе си дојде од работа“.
„Кога бев практикант имаше случај каде што мажот сакаше да се разведе од сопругата по само два месеци бидејќи спиела со вклучена светилка, а нему му требала потполна темница. Наводно, тие не живееле заедно пред да се венчаат.
Мажот толку ја мразел светилката, што спиел на каучот, а некогаш си легнувал во спалната и ја заклучувал вратата за жената за да не може да влезе. Да нагласам, ова беше маж во доцните 40-ти кој се однесуваше како средношколец“.
„Тато беше адвокат и застапуваше жена која сакаше да се разведе од сопругот поради две причини – немал доволно влакна на градите и не возел доволно брзо“.
Спирова С. | Црнобело