Зошто опсесијата со позитивно расположение е токсична и лоша за вашето ментално здравје?
Една личност е „токсично позитивна“ кога се обидува постојано да биде со добро расположение, односно постојано да биде позитивна. Или, токсичната позитивност е како опсесија со позитивно размислување.
Овие луѓе ги избегнуваат негативните емоции по секоја цена, се обидуваат да го погледнат доброто во буквално сите ситуации (дури и кога не треба) и никогаш не си дозволуваат да бидат лошо расположени, без разлика како навистина се чувствуваат.
Проблемот е што со ова си предизвикуваат низа проблеми – сите емоции, дури и оние негативните, ни се од корист. Негативните емоции ни помагаат полесно да сфатиме дека сме во неповолна ситуација, дека некој ни направил нешто лошо и слично.
На пример, ако сте изложени на многу стрес на работа, ќе се чувствувате лошо, можеби постојано ќе плачете, а токму ова ќе ви биде знак дека е време да направите промена во таа област.
Потиснувањето на чувствата предизвикани од стресот, кои обично се негативни, спаѓаат во токсична позитивност.
Во оваа категорија можат да се сместат и советите од типот „Не се нервирај/не плачи, сè ќе биде во ред“ – наместо да ги прифатиме и сфатиме негативните емоции и нивниот корен, овој совет нè тера да се преправаме дека не постојат, а со ова сигурно нема да го решите проблемот што ве прави тажни.
Кои се главните одлики на токсичната позитивност и зошто овој став кон животот е лош за вас?
Избегнување проблеми
Како што напоменавме, кога ги потиснувате и игнорирате негативните емоции, вие го избегнувате и проблемот кој е причина за појавата на истите. Немојте да мислите дека проблемот ќе исчезне ако вие упорно го игнорирате со насмевка на лицето.
Забрана за негативни емоции
Ако минувате низ развод, ако сте изгубиле некој драг пријател, ако ви се случило што било лошо, нормално е да тагувате, да бидете гневни и да чувствувате низа негативни емоции.
Ако само се залажувате дека сè е во ред или се „тешите“ со помислата дека на другите им е полошо, не си правите никаква услуга.
Всушност, ова самозалажување може да има катастрофални последици по менталното здравје.
Кога-тогаш, негативните емоции што сте ги потиснувале и со коишто не сте се справиле кога било време за тоа ќе се појават, а вие ќе се чувствувате уште полошо.
Банализирање на туѓите проблеми и чувства
Ако ја наметнувате вашата токсична позитивност на другите, тогаш вие, на некој начин, ги потценувате и банализирате нивните проблеми и чувства.
Едно е да ја утешите личноста и да ѝ дадете поддршка, но сосема поразлично е да ѝ велите да престане да се грижи бидејќи на некој друг му е полошо или да ја терате да се насмевне кога очигледно ѝ се плаче.
Чувство на вина поради негативните емоции
И негативните емоции се нормална појава кај буквално секоја личност и секако дека нема постојано да бидете среќни и насмеани.
Во ред е да бидете оптимист, но немојте да очекувате во секој од миг од животот да бидете среќни и расположени.
Во овој случај, голем удел имаат и социјалните мрежи - на фотките што ги гледаме онлајн сите се среќни, насмеани, исполнети...
Поради ова, сметаме дека и ние треба да бидеме такви, притоа не помислувајќи на тоа дека зад совршените фотки се кријат обични луѓе кои неретко се и тажни и гневни и разочарани.
Наместо да се чувствувате виновно само затоа што денес ви се плаче, прифатете дека сте тажни, исплачете се, па и самите ќе забележите дека ова е многу подобра тактика за справување со негативните емоции, отколку да ги потиснувате.
За крај, престанете да ги делите емоциите на „позитивни“ и „негативни“
Ако имате проблем со токсична позитивност, престанете да ги гледате емоциите како позитивни и негативни. Гледајте ги само како емоции.
Според експертите, емоциите се само сигнали кои ни помагаат да обрнеме внимание на работите што ни се важни.
Ако се чувствувате тажно, не ја гледајте тагата како негативна емоција, туку запрашајте се која е причината за нејзината појава.
Кога сте среќни, обрнете внимание на ситуацијата и забележете што ве прави среќни.
Генерално, научете да ги прифаќате сите емоции, не ги потиснувајте и секогаш справувајте се со нив. А во миговите кога ви е најлошо, дозволете си да се затворите дома и да изедете многу сладолед пред телевизор. Следниот ден сигурно ќе ви биде многу подобро.
Спирова С. | Црнобело