Компјутерски алгоритам, машина за миење садови - Изуми од жени кои засекогаш го променија светот
Кога размислувате за изуми што го промениле светот во којшто живееме, веројатно прво помислувате на електричната енергија, сијалицата, телефонот…
Без сомнение, овие изуми засекогаш го променија нашиот начин на живот, но постојат и навидум помали изуми, од помалку познати личности, кои сепак имале огромно влијание.
На пример, денес не би можеле да го замислиме животот без компјутер. А, информатичката технологија стигнала дотука благодарение на жената која сфатила каков потенцијал кријат овие машини и го напишала првиот компјутерски алгоритам.
Во продолжение можете да дознаете за неколку изуми од жени кои дефинитивно направија огромни промени во светот:
Машина за миење садови – Џозефин Кокрејн
Најпрвата механичка машина за миење садови е дело на маж од САД, но неговиот изум бил многу бавен и непрактичен. Во 1886 година, Џозефин Кокрејн сакала да најде начин за безбедно миење на нејзините скапи порцелански садови, па со помошта на еден механичар ја дизајнирала првата машина за миење садови и го патентирала дизајнот.
Фигаро и пегла за коса – Теора Стивенс
Афроамериканката Теора била фризерка која решила да направи попрактична алатка за виткање и пеглање коса. Па, во 1980-та, а според некои извори во 1983 година, таа го направила практичното фигаро за коса, како и пеглата за коса кои можат да ги користат сите.
Модерни чамци за спасување – Марија Бисли
Марија Бисли била изумител, а еден од нејзините најважни изуми е чамецот за спасување. Таа го завршила својот дизајн на почетокот од 1880-тите, а го патентирала во 1882-ра. Дотогаш постоеле чамци за спасување, но Марија сакала дизајн кој е огноотпорен, компактен, безбеден и лесен за употреба и, очигледно, ја постигнала целта.
Компјутерски алгоритми – Ада Лавлејс
Ада Лавлејс била математичарка која денес ја нарекуваат и првиот програмер во светот. Кон крајот на нејзините 20-ти години, таа почнала да работи на концептот за механички компјутер на инженерот Чарлс Бебиџ и сфатила дека неговата машина би имала многу поголеми примени отколку едноставни пресметки.
Па, таа напишала алгоритам за машината и, на некој начин, ја создала првата компјутерска програма.
Батерии за вселенска станица – Олга Д. Гонзалес-Санабриа
Олга е инженер во НАСА и таа е научникот кој помогна во создавањето на батериите што ги користи Меѓународната вселенска станица. Нејзините батерии можат да складираат многу електрична енергија и имаат долг век на траење.
Играта Монопол – Елизабет Меги
Елизабет Меги е жената која ја смислила играта Монопол каква што ја знаеме денес. Таа ја патентирала идејата во 1924-та, но играта е издадена дури во 1935-та, од други личности кои го купиле патентот од Елизабет.
Коректор – Бет Несмит Грам
Бет работела како секретарка и честопати ги поправала нејзините печатни грешки со бело мастило за пишување. Кога сфатила дека навистина ѝ е потребно нешто поефикасно, почнала да ја усовршува својата формула за коректор, а идејата ја патентирала во 1979 година.
Кружна пила – Табита Бабит
Табита била првата личност која предложила да се користи кружна пила, наместо „традиционалната“ што се користела дотогаш, бидејќи сметала дека е поефикасна.
Во 1813-та таа го направила првиот прототип за нејзиниот изум – кружно сечило прикачено за ротирачко тркало. Сепак, бидејќи не го патентирала изумот, постојат контроверзии во врска со тоа дали таа е вистинскиот изумител на кружната пила.
Спирова С. | Црнобело