Како учтиво да им кажете на гостите дека е време да си одат?
Собравте неколку пријатели, си поминавте одлично и сега сакате да завршите со забавата, но гостите никако да си одат – сигурно сте биле во ваква ситуација барем еднаш во животот.
На сите ни се случило да останеме на гости подолго од планираното, а кога ни е забавно, не ни помислуваме да си одиме и чекаме домаќинот да ни каже кога е време за тоа. Но, за повеќето луѓе е навистина непријатно да им речат на гостите да си одат, најмногу бидејќи им изгледа како да ги бркаат.
Веројатно и вам ви е тешко да им речете на гостите да си одат, но постојат неколку трикови со кои ќе го направите тоа без да ги навредите гостите и без да се чувствувате непријатно.
Па, како учтиво да ги натерате гостите да си одат?
Кажете до кога ќе трае забавата
Ако станува збор за поголема прослава за која ќе испраќате покани, на поканате нагласете од кога до кога трае забавата.
Однапред кажете дека имате други планови или обврски
Ако не испраќате покани, а ви е непријатно да им речете на гостите да си одат, можете да им кажете дека после средбата со нив имате и други обврски или планови.
Или, можете да ги замолите да дојдат порано бидејќи следното утро имате обврски и сакате да си легнете рано.
Престанете да им давате храна и пијачки
Кога некој ви дава храна или пијалак во неговиот дом, сигурно претпоставувате дека сака да останете уште малку. Истото го мислат и вашите гости.
Штом ќе завршите со грицките и пијачките што сте ги подготвиле за гостите, не вадете друга храна. На овој начин, суптилно ќе им кажете дека е време да си одат.
Почнете со средување
Кога ќе почнете да ја раскревате масата и да ги миете садовите, на гостите ќе им стане јасно дека на дружењето му се ближи крајот. Притоа, ниту тие ќе се чувствуваат навредено, ниту вам ќе ви биде непријатно.
Почнете да зборувате за следната средба
Прашањата како „Се гледаме следната среда?“ или „Ќе одиме на натпреварот во сабота?“ се уште еден начин да им покажете на гостите дека треба да си одат.
Штом ќе почнете да разговарате за следната средба, гостинот ќе сфати дека е време да го напушти вашиот дом.
Побарајте помош од пријател
Ако се подготвувате за повеќе гости, а меѓу нив е и некој ваш близок пријател, побарајте помош од него. Кога ќе сакате да завршите со дружбата, замолете го пријателот да најави дека ќе си оди бидејќи е доцна или нешто слично, и голема е веројатноста и другите гости да го направат истото.
Организирајте средба надвор од вашиот дом
Колку и да ги сакаме, некои луѓе се навистина лоши гости и некогаш е невозможно да ги натерате да си одат. Ако знаете дека договарате средба со таква личност, тогаш најдобро сретнете се во ресторан, кафетерија или каде било надвор од вашиот дом. Тогаш ќе можете да си заминете кога и да сакате, без да се чувствувате непријатно.
Спирова С. | Црнобело