Водич за говор на телото: Како да ги препознаете туѓите емоции преку заштитна маска?
Поради заштитните маски не можеме да ги видиме изразите на лицето на соговорникот, па може да биде тешко да препознаеме што мисли и како се чувствува.
Поради ова, експерт за говорот на телото направил водич со чија помош ќе можете да ги „прочитате“ другите луѓе, без разлика што поголемиот дел од лицето им е покриено со маска.
„Луѓето отсекогаш се потпирале на изразите на лицето кога станува збор за комуникација, а со текот на времето почнавме најмногу да се фокусираме на устата“, вели Џуди Џејмс која го направила водичот.
Поради ова, заштитните маски можат да ни ја отежнат комуникацијата, но Џуди тврди дека во невербалната комуникација доста важни се и очите:
„Добрите вести се дека нашите очи можат да испратат многу невербални знаци – тие јасно и искрено ги прикажуваат нашите емоции и расположение“.
Во продолжение погледнете го нејзиниот водич:
Кревање на веѓите
Кревањето на веѓите може да претставува поздравување или да биде знак дека му се допаѓате на соговорникот. Ова кревање на веѓите трае кратко, а во некои ситуации, како излегување во бар, може да се толкува и како флерт.
Одбивност
Кога нешто не ни се допаѓа или ни е одбивно, настојуваме да ги имитираме изразите што ги прават бебињата кога не сакаат храна.
Во овој случај, соговорникот ќе изглед намуртено, малку ќе ги спушти очните капаци и ќе му се познаваат мали брчки помеѓу веѓите.
Ова е еден од изразите кој е директно поврзан со нашиот инстинкт за преживување – кога на предците храната им мирисала лошо, тие автоматски се муртеле и малку ги затворале очите.
Кога гледаме во личност што ни се допаѓа, изразите на нашето лице „омекнуваат“. Во овој случај има јасен невербален знак што го испраќа погледот – обично зениците стануваат пошироки.
Проширувањето на зениците се случува речиси секогаш кога гледаме во некој што го сакаме и не може да се контролираме. Поради тоа, ова е еден од најочигледните знаци кога станува збор за говорот на телото.
Страв
Стравот најчесто го покажуваме со очите, но суптилно – веѓите се рамни и малку се спојуваат, очите обично се подзатворени, но може да се појави благо ширење на едното око.
Изненаденост/шок
Ова е уште еден израз што потекнува од способноста за преживување – очите ширум се отвораат за да имаме подобар вид во опасна ситуација. Веѓите се кренати и извиени, а очите се толку отворени, што се гледа целиот ирис.
Загриженост/емпатија
Бидејќи периодов сите сме загрижени, добро би било да ја препознавате оваа емоција. Веѓите можат да бидат спуштени, но мускулите околу окото се релаксирани за личноста да не изгледа намуртено или гневно.
Гнев
Најчесто гневните луѓе ги спуштаат веѓите и го гледаат соговорникот директно во очи. Неретко ја навалуваат и главата кон напред. Истовремено, личноста може и да трепка повеќе од вообичаено.
Неверување/збунетост
Кога сме збунети или имаме измешани емоции, нашето лице станува асиметрично. Односно, со него почнуваме да испраќаме разни сигнали. Во вакви ситуации обично едната веѓа е крената, а другата релаксирана. Едното око може да е малку затворено, а другото отворено. Или, личноста ширум ги отвора двете очи, а потоа постепено ги стеснува.
Спирова С. | Црнобело