Зошто се појавуваат седи влакна на косата уште во младоста?
Дали сте забележале дека имате бели влакна, иако сте многу млади? Верувајте дека не сте сами – на голем број луѓе им се појавуваат седи влакна уште во 30-тите, па дури и во 20-тите години од животот.
Некогаш причината за ова е генетиката, но некои истражувања ја поврзале оваа појава и со други фактори.
Погледнете некоја од можните причини за појава на седи влакна во младоста:
Недостаток од витамин Б12
Во едно истражување во кое учествувале млади лица од Индија се покажало дека недостатокот од витаминот Б12 може да биде причина за прерана појава на седи влакна.
Слични резултати биле забележани и кај други истражувања кои се фокусирале на причини за прерано побелување на косата, а во кои учествувале испитаници и од други националности. Недостатокот од витамин Б12 бил поврзан и со истенчување на влакната на главата.
Затоа, обидете се да внесувате повеќе храна како јајца, туна и лосос, а можете да земате и додатоци во исхраната.
Ако одлучите да земате додатоци, задолжително прво да се консултирате со лекар.
Проблем со тироидната жлезда
Според науката, проблемите со тироидната жлезда можат да влијаат врз структурата на кожата и на косата, а овде спаѓа и појавувањето на седи влакна во младоста.
Ако сте многу млади и сте забележале седи влакна, а истовремено и некој од симптомите кои укажуваат на проблеми со тироидната жлезда, можете да закажете преглед кај вашиот лекар.
Секако, ова не важи за секој случај на лице со седа коса, па задолжително е да не кревате паника!
Изложени сте на многу стрес
Стресот има негативно влијание врз целиот организам, а наводно може да предизвика и прерана појава на седи влакна. Според истражувањата, причината за ова е тоа што стресот влијае врз клетките кои се одговорни за регенерација на пигментот на косата.
Генетика
Една од почестите причини за рана појава на седи влакна е всушност генетика, а научниците успеале да го најдат и генот одговорен за тоа. Ова значи дека ако вашите родители или баба и дедо имале седи влакна во младоста, постои веројатност да ги наследите и вие.
Како да се справите со седите влакна?
Откако ќе почнат да ви растат бели влакна, веројатно нема да можете да им ја вратите првобитната боја. Но, не заборавајте дека седите влакна не треба да ја разнишаат вашата самодоверба. Денес многу луѓе, особено жени, ја прифаќаат нивната побелена коса, ја носат гордо и изгледаат одлично.
Ако сепак не ви се допаѓа нејзиниот изглед, секогаш можете да ги прикриете белите влакна со фарба.
Ако, пак, сакате да го спречите прераното појавување на седи влакна, придржувајте се до некои едноставни правила (што секако не е гаранција дека со сигурност ќе ја спречите појавата):
- Најдете начин да се ослободите од стресот и да се релаксирате после напорен ден.
- Внесувајте здрава храна богата не само со витамин Б12, туку со сите потребни хранливи состојки.
- Водете грижа за целокупното здравје и ако забележите каква било необична промена, одете на лекар.
Спирова С. | Црнобело