Човекот кој се откажа од богатството: „Наместо тоалет хартија користев весници, за осветлување – свеќи, а ниеднаш не се разболев“
Марк Бојл, познат и како „човекот без пари“ е ирски активист, најпознат по неговата одлука да живее без пари, иако претходно бил богаташ.
Овој начин на живот го почнал уште во ноември 2008-ма, и е еден од малкуте луѓе кои се осмелиле да го направат ова во поново време. На почетокот тој живеел во камп-приколка, но денес има дрвена куќичка што ја направил самиот.
Тој е дописник на The Guardian, а бидејќи не користи технологија, текстовите ги пишува на рака и им ги праќа по пошта.
Во 2010-та тој ја издаде неговата прва книга, во која го опишува животот без пари. Потоа Марк издаде уште две книги на истата тема, а текстовите што ги пишува за The Guardian се претворија во неговото четврто дело, во кое зборува за живот без технологија.
Марк не ги поминал сите 12 години од тогаш без да потроши пари – еднаш искористил дел од заработката од книгите, но само за да си купи плац. Сепак, неговиот живот е речиси ист како и кога го почнал овој подвиг.
Бидејќи Марк нема телевизор, не чита весници и со години не слуша радио, за пандемијата дознал од некој сосед. Самиот вели дека не го ни почувствувал карантинот, бидејќи веќе живее на таков начин.
За повеќето од нас е незамисливо да пробаме ваков живот, но речиси две години откако почнал да живее вака, Марк добро објаснил зошто се одлучил на овој чекор, но и зошто решил да го продолжи животот без пари:
Ако некој ми кажеше дека ќе живеам без пари додека бев студент, веројатно ќе се зачудев. Тогаш планот ми беше да најдам „добра“ работа, да заработам што е можно повеќе пари и да ги купам работите што ќе го убедат општеството (и мене) дека сум успешен.
И некое време успевав во тоа – имав неверојатна работа како менаџер на голема компанија за органска храна, имав јахта и ако не ми се променеше перспективата, до денес ќе живеев така. Наместо тоа, последниве 20 месеци немам потрошено ни денар. Моето искуство од ова патешествие и филозофијата зад него ја сочинуваат мојата книга The Moneyless Man, од која заработката оди во добротворна организација.
Промената се случи една вечер, додека бев на јахтата и филозофирав со еден пријател со чаша Мерло. Отсекогаш ме фасцинирал цитатот на Ганди „Биди промената што сакаш да ја видиш во светот“. Но, дотогаш, не знаев што беше таа промена. Мојот пријател почна да зборува за големите проблеми во светот – уништување на природата, војни за ресурси, луѓе кои работат како робови – и почнав да се прашувам на кое од овие нешта е најдобро да се посветам. Но, таа вечер сфатив нешто.
Проблемите не беа неповрзани како што мислев – сите имаа ист корен. Поради парите, повеќе не гледавме какво е влијанието на нашето трошење врз другите луѓе и околината. Воопшто не сме свесни за уништувањето и страдањето кои се вгнездени во работите што ги купуваме.
На пример, ако сами си одгледуваме храна, нема да фрламе една третина како што правиме сега. Ако сами ги изработуваме масите и столчињата, нема да ги фрламе веднаш штом ќе се сменат трендовите за ентериер.
За да бидам промената што сакам да ја видам во светот, одлучив да се откажам од парите. Знаев дека нема да биде лесно, па направив листа со основните нешта што ми требаат за да преживеам. Храната беше прва. За ова имав четири опции – да собирам храна од шумата, да одгледувам храна, да работам за храна, а не пари, или да собирам остатоци од другите (што ги има премногу). Најчесто храната ја одгледував сам.
Следно беше засолништето. Си најдов камп-приколка и ја паркирав на органска фарма во којашто волонтирав. Ја загревав со дрва што ги собирав сам, во печка што ја направив сам.
Се бањав во река. Како тоалетна користев стари весници. За да се движам наоколу користев велосипед, а возењето до градот ми беше како членство во теретана. За осветлување користев свеќи од пчелин восок.
Иронично, но последниве две години од мојот живот ме исполнија најмногу. Имам повеќе пријатели од кога било, не се разболев ниту еднаш и никогаш не сум бил во волку добра физичка форма. Сфатив дека пријателството, а не парите, се вистинската безбедност.
Можеме ли сите да живееме вака од утре? Не. Ќе биде катастрофа. Премногу сме зависни од пари. Но, ако го промениме размислувањето и се фокусираме на локалните заедници, тогаш зошто да не? Речиси 90% од нашето време на планетата живеевме без пари. Ние сме единствениот вид на Земјата што ги користи.
Често ме прашуваат што ми недостасува од мојот стар живот. Стресот? Сообраќајниот метеж? Редиците во банка? Еден куп сметки? Дефинитивно не. Но, некогаш можеби ми недостасува пиење пиво во бар со пријателите…
Спирова С. | Црнобело