„Немам никој друг, тишината ме убива“ – Дедо кој е осамен по смртта на сопругата си бара пријатели
Кога еден дедо останал без својата сопруга и се почувствувал многу осамено, решил да си побара нови пријатели.
75-годишниот Тони Вилијамс од Англија неодамна ја изгубил неговата сопруга Џо. Таа починала во мај годинава од рак на панкреасот, а Тони почнал да се чувствува многу осамено. Тој немал со кого да зборува ни за смртта на неговата сопруга, а ова направило да се чувствува уште полошо.
Тони нема деца и нема пријатели, па Џо била единствената личност во неговиот живот. Пред да се пензионира, тој работел како физичар, а иако сакале да бидат родители, тој и Џо не можеле да имаат деца.
Во негова близина не живее никој од неговото пошироко семејство, а поради пандемијата, тој не може ни често да излегува за да запознае нови луѓе.
Тони неколкупати се обидувал да најде нови пријатели. Најпрво објавил оглас во локален весник, а кога некогаш одел на прошетка, им давал визит-картички на случајните минувачи. За жал, никој не одговорил на неговите повици.
Кога веќе не можел да ја издржи осаменоста, тој решил да стави плакат на неговиот прозорец со натпис:
„Ја изгубив Џо, мојата сакана жена и сродна душа. Немам пријатели и никој со кого можам да разговарам. Постојаната 24-часовна тишина ми е неподнослива тортура. Може ли некој да ми помогне?“
Џо и Тони првпат се запознале пред околу 35 години во еден бар, и речиси веднаш почнале врска. Според него, нивниот брак бил совршена хармонија, а и двајцата се чувствувале како да се знаат цел живот. Како што вели самиот, помеѓу нив немало никакви тајни и тие навистина биле сродни души.
„Џо ми беше најдобриот пријател и имавме прекрасен живот. Но, сега сум сосема сам. Мојата прекрасна сопруга само што почина и немам никого. Сè што сакам е некој да го види плакатот и да ми се јави. Сакам само пријатен разговор, за да не седам по цел ден во тишина“.
За среќа, неговиот постер бил забележан од многу луѓе и многу медиуми, па веројатно е прашање на време кога Тони ќе го најде неговиот нов пријател.
На социјалните мрежи, пак, илјадници луѓе му ја дале својата поддршка на осамениот Тони:
„Се надевам дека ќе ги најде неговите пријатели и ќе имаат долги и прекрасни разговори. Тажно е да немате пријатели и да се чувствувате осамено“.
„Ох, ова е мојот најголем страв. Се надевам дека некој ќе те контактира. Јас би го направила тоа ако налетав на плакатот. Сите заслужуваме сочувство и почит подоцна во животот“.
„Според мене, постарата генерација има многу мала поддршка. Немаат социјални мрежи, а во сегашната ситуација со пандемијата, ми се крши срцето кого ќе помислам колку луѓе се изолирани дома со денови. Ти посакувам сè најдобро“.
Спирова С. | Црнобело