Правила што ги следат Скандинавците - најсреќните луѓе на светот
Веќе некое време, државите од северот на Европа се дом на најсреќните луѓе во светот.
Иако периодов сите се во битка со корона вирусот и можеби многу работи се променети, сепак во нормални услови тие имаат одредени правила по кои живеат заради што животот им е полесен.
Дури и во вакви времиња, некои правила уште се неопходни да се следат за животот да продолжи да се одвива како што треба. Сепак, зависи од условите.
Како и да е, досега се покажа дека очигледно Скандинавците го имаат клучот за среќата, па сите би можеле да научиме нешто од нив.
Во продолжение погледнете кои навики и правила им помагаат вистински да уживаа во животот (нешто може да преземеме сега, а некои други, кога сето ова ќе помине и ќе се вратиме на нормалниот живот):
Однапред го планираат нивниот живот
Овие луѓе најчесто ги планираат важните настани и средби цела година однапред. На пример, планираат следниот месец да одат на лекар, за 6 месеци да одат на заболекар, одморот го планираат неколку месеци однапред…
Можеби периодов е тешко да правите вакви планови бидејќи, сепак, ситуацијата е непредвидлива. Но, имајте го ова предвид кога нештата ќе се вратат во нормала.
На овој начин подобро ќе управувате со вашето време, ќе знаете кои работи се приоритет, а што може да почека и нема ништо да правите во последен момент.
Водат активен живот
Во скандинавските земји, шетањето во природа е важен дел од животот на речиси сите. Ова дефинитивно има позитивно влијание бидејќи само во Норвешка, 77% од населението смета дека е со одлично здравје.
Но, шетањето во природа не е единствениот начин да бидете здрави. Денес постојат безброј видеа и програми за вежбање што можете да ги најдете на интернет, а кои ќе ви покажат како да се активирате и во нашиот дом.
Истовремено, кога ќе помине целава ситуација со пандемијата, обидете се помалку да користите превоз. Односно, секогаш кога можете одете пеш или возете велосипед.
Купуваат домашни продукти
Кога одите во маркет, обидете се да ги споредите цените на домашните и увезените продукти. Веднаш ќе забележите дека она што е направено кај нас е поевтино, а ниската цена не значи полош квалитет.
Овошјето и зеленчукот што се произведени кај нас се секогаш посвежи од увезените и речиси секогаш имаат пониска цена.
Па, следниот пат кога ќе одите во продавница, обидете се да купите и домашни продукти. Истото може да важи и за облека, мебел, козметика…
Забораваат на работата кога си одат дома
Колку пати ви се случило да останете неколку часа повеќе во канцеларија? А, колку често ви се случува да продолжите со работа дури и откако ќе се вратите дома?
Само 2,9% од Норвежаните изјавиле дека работат прекувремено. Останатите целосно ја забораваат работата кога ќе си дојдат дома и го посветуваат времето на себе, на семејството, на пријателите…
Сегашната ситуација ви е одлична можност да го „извежбате“ ова, особено ако работите од дома. Обидете се да ги завршите најважните обврски во текот на работното време, а кога ќе заврши работниот ден, одвојте барем неколку часа правејќи нешто што ви причинува задоволство.
Носат рефлектирачка облека навечер
Знаевте ли дека во Финска постои закон, според кој секое дете треба да има барем 3 рефлектирачки ленти на неговата облека? Благодарение на ова, се избегнуваат многу сообраќајни незгоди во текот на ноќта.
Кога повторно ќе можеме да излегуваме навечер, обидете се да набавите рефлектирачка лента и носете ја секогаш. Направете го истото и за вашите деца.