Станавте на лева нога?
Уште од сабајле сè ви оди наопаку. А, кога денот лошо ќе ви почне, немате желба, ама баш ништо да работите. Што да се превземе за да ги „составите коцките“...
...и бргу да го повратите еланот?
Најважно е да реагирате во моментот и да ги насочите мислите кон нешто позитивно. Важно е со сета сила да се потрудите светот околу вас да го направите поубав. Значи, потребно ви е нешто за добро утро.
Дозволете си нешто убаво на самиот почеток на денот. Затоа станете на време, без продолжување на сонот за уште неколку минутки. Ако ви е полесно, веднаш вклучете го радиото - и тоа е понекогаш добра акција за будење.
Потоа, посветете му се на појадокот. Избегнувајте појадок на нога. Поентата е секое утро да издвоите доволно време за да си подготвите омилено јадење, да седнете и да уживате во појадокот.
Потоа посветете и се малку на утринската гимнастика. Таа ви е потребна бидејќи после секоја физичка активност се чувствувате порастеретени. Тоа е одличен начин да ги елиминирате негативните мисли и да ја ублажите утринската нервоза.
Одличен рецепт за добро расположение може да е и само еден пријателски телефонски повик. Јавете му се на некој голем шегаџија, кој во секое време од денот е добро расположен за ведар и шегаџиски муабет. Ако успее добро да ве насмее, бргу ќе заборавите на се што ве изнервирало од сабајле.
Правете го она што го сакате. Гледајте ТВ, прочитајте весник, прошетајте во град, купете си подарок... На сите начини потрудете се да го разбудите чувството на задоволство и да си ја вратите самодовербата.