Зошто трошиме пари на луксуз, а сепак сме алчни во секојдневниот живот?
Според едно истражување, во просек, луѓето оставаат бакшиш кој изнесува барем 20% од сметката.
Од друга страна, ретко кој би го оставил кусурот кога купува на пазар.
Статистиката покажува и дека еден од пет сопственици на iPhone, всушност има сериозни финансиски проблеми.
Па, зошто тогаш трошиме на луксуз, а притоа стануваме сè поалчни?
Не ја забележуваме разликата кога сумата е повисока
Замислете си дека јадете во ресторан и треба да платите 900 денари. Најверојатно на келнерот ќе му дадете 1.000 денари и на толкава сметка, ќе го заборавите кусурот.
Ќе помислите дека 100 денари не се многу за бакшиш, кога ќе ја поделите сумата на неколку луѓе со кои сте ручале заедно и можеби сте ја поделиле и сметката.
Сега замислете си дека сте на пазар. Купувате компири и треба да платите 30 денари. На продавачот му давате 50 и чекате да ви врати кусур. Во овој случај, со кусурот би можеле да купите уште толку компири, па сигурно нема да му го оставите на продавачот.
Што значи, колку е повисока цената, толку е поверојатно да оставиме и поголем бакшиш.
Психолошко влијание
Колку и да не сакате да признаете, рекламите и она што ви го зборуваат продавачите има огромно влијание врз вас.
Не е лесно да се биде добар продавач и навистина постојат луѓе кои можат да ве убедат дека обично пенкало може да чини 500 денари, а да не зборуваме за нешто поголемо и повредно.
Денес постојат безброј маркетиншки трикови, кои одново и одново ја докажуваат нивната ефикасност и ве тераат да верувате дека ви се потребни скапи продукти и предмети.
Очигледно, речиси никој не е имун на ова.
Не сакате другите да имаат лошо мислење за вас
И овојпат виновна е нашата психологија, а сега станува збор за таканаречениот „ефект на толпа“.
Кога сте во ресторан или кафетерија, опкружени со многу луѓе, поголема е веројатноста да му речете на келнерот да го задржи кусурот.
Потсвесно, вие сте убедени дека ако не го направите тоа, другите ќе имаат лошо мислење за вас.
Луѓето се чувствуваат релаксирано во скапо опкружување
Што им е заедничко на продавницата за брендирана облека, луксузниот ресторан и салонот за автомобили? Опкружувањето.
Ентериерот на овие места секогаш изгледа луксузно и скапо, а токму ова опкружување прави да се чувствуваме релаксирано.
Кога сме поопуштени, пак, помалку размислуваме за вредноста на парите и многу полесно трошиме повеќе од планираното.
Сакаме да ги импресионираме другите
Едно истражување открило дека ако им дадете на луѓето да одберат да заработуваат 50.000 долари додека другите заработуваат 25.000, или да заработуваат 100.000 додека другите заработуваат 200.000, повеќето ќе ја одберат првата опција.
Ова значи дека ние сме програмирани да ги импресионираме другите, но и да бидеме подобри од нив.
Неретко, луѓето сметаат дека ако потрошат повеќе или ако остават поголем бакшиш ќе ги импресионираат другите присутни. Па, ни изгледа разумно да трошиме многу пари за луксуз.
Добра услуга
Ако навистина сакате нешто, голема е веројатноста да сте подготвени да платите повеќе.
А, постојат и места кои си ги оправдуваат високите цени, најмногу со добрата услуга.
Кога продавачот ќе се однесува добро со вас и ќе ве третира како важна личност, многу поверојатно е да купите нешто, дури и ако не ви треба. Се разбира, сигурно ќе оставите и бакшиш.
Спирова С. | Црнобело