Како едно момче оставено на улица стана милионер?
29-годишниот Фреди Фиџерс е доказ дека понекогаш, најважно е да сте родени „под среќна ѕвезда“ за сѐ да биде во ред, без разлика како ви изгледа сегашната ситуација.
Фреди е роден во 1990-та година, во Масачусетс. Мајка му го оставила на улица уште кога бил новороденче, а кога наполнил два месеци, бил посвоен од постар брачен пар.
Нејтан и Бети Фиџерс не можеле да имаат деца и со години чекале да им се одобри посвојувањето.
Денес, Фреди е извршен директор и основач на компанија, чија вредност се проценува на 62 милиони долари.
Детството во семејството Фиџерс бил скромно, но среќно. Кога наполнил 9 години, Фреди посакал компјутер, но неговите родители немале пари за нов.
Тогаш, татко му Нејтан решил да му купи половен Macintosh компјутер, од 1989-та година. Компјутерот бил бавен и застарен, но немало средства за подобар.
Фреди го ценел трудот на неговите родители, па решил сам да го подобри неговиот компјутер.
Фреди го сакал токму тој компјутер бидејќи татко му вистински се потрудил да му го купи. По неколку недели решил да извади делови од радиото и да ги искористи за поправка на компјутерот. И, успеал во тоа.
Фреди го чува компјутерот до денес, како спомен од неговиот татко, а одвреме-навреме и го користи.
Со текот на времето, Фреди станал толку добар во поправањето компјутери, што на 12-годишна возраст веќе ги поправал државните компјутери во градот.
Фреди бил и првиот во неговиот град кој имал пристап до интернет, преку компанијата за телекомуникации со која соработувал неговиот град. Тој период, Фреди почнал да се интересира за комуникациите и мрежите.
„Сакав да изградам сопствена мрежа за комуникации. Но, кога видов колку чини инфраструктурата, мислев дека никогаш нема да го направам тоа.“
Фреди ја добил сојата можност кога ја прочитал приказната за бура во Алабама што уништила лекарска ординација. Поради ова, лекарите останале без никакви записи за нивните пациенти.
На само 16 години, Фреди почнал да соработува со компанија која имала 70 клиенти и им овозможувала да ги чуваат своите податоци на мрежата. На овој начин, лекарите ги чувале сите податоци за пациентите „на облакот“, односно на мрежата.
Откако завршил средно, Фреди се откажал од школувањето и почнал да прави софтвер за компании. За еден од нив, добил инспирација од татко му кој страдал од Алцхајмер.
Фреди измислил уред кој може да се стави во обувките на пациентите и да праќа сигнали. На овој начин, доколку пациентот се изгуби, неговото семејство ќе може да го лоцира на Google Maps.
„Можев да го земам телефонот и да го прашам татко ми каде е и ќе ја следам неговата локација без тој да направи ништо. Таа програма беше навистина успешна. Една компанија од Канзас ја откупи од мене за 2,2 милиони долари“, вели Фреди.
Со таа сума пари, Фреди можел да ја основа компанијата од соништата. Тоа го направил во 2011-та година, а неговата фирма денес нуди услуги за мобилни и фиксни телефони, како и за меѓународни повици.
Компанијата на Фреди има направено и телефон што не им дозволува на корисниците да пишуваат пораки додека возат. Исто така, имаат направено и телефон со вграден безжичен мерач на нивото на гликоза во крвта.
Очигледно е дека една од најголемите желби на Фреди е да го направи светот подобро место за живеење.
„Верувам дека луѓето кои сакаат да бидат одговорни кога ќе видат проблем, можат да најдат решение и со тоа да променат нечиј живот. Имам цел денес да ги поставам темелите за подобро утре, бидејќи парите не се ништо друго освен алатка. Со оваа алатка можеме да ги промениме животите на луѓето“, вели Фреди.
Спирова С. | Црнобело