Самоук велешанец изработува виолини за светски пазар - Приказната на Светозар Богданоски
Светозар Богданоски првата виолина ја изработил пред 35 години за својот син Костадин, тогаш 7-годишно момче кое имало силна желба да научи да го свири овој инструмент.
„Морав да му создадам услови да се развива. Првиот беше да има добар инструмент, кој тогаш не можев да му го дозволам,“ вели Боганоски.
Светозар живее во Велес и ја напуштил работата како уметник, за да се посвети на изработката на виолини.
Неговата сопруга Марија, професорка по виолина и колешката-уметник Татјана Мишева, му се придружиле во производството и досега имаат направено повеќе од 700 инструменти.
Некои се копии на виолините на славниот италијански мајстор Guarneri, па може да достигнат и цена од 60.000 евра по парче.
Позадината ја изработува од јавор, а предната страна од смрека, исклучиво од босански шуми.
Дрвото најпрво се суши, па потоа неколку години се потопува во солена вода.
„Секоја виолина е приказна за себе. Не постојат две исти, иако така изгледаат. Се разликуваат како што се разликуваат луѓето,“ вели самоукиот мајстор.
Од сите меѓународни награди кои ги има освоено, посебно е горд на тоа што двапати ја освоил престижната награда на Американското друштво на виолинисти во 2008-ма и 2012-та година.
М. Д. | Црнобело
Фото: Фејсбук