Синдром на натрапник или сомнеж во својот успех
Незаслужена награда, чувство на некомпетентност, заслуги кои се резултат на случајни околности или среќа - секој се соочил со ситуација кога се почуствувал вака барем еднаш.
Во психологијата, синдромот на натрапник означува верување дека личноста не е толку способна колку што околината ја доживува и е придружено со чувство на неприпаѓање, страв од неуспех и страв дека лицето ќе биде препознаено како измамник.
Она што го разлиува синдромот на натрапник од обичната несигурност во себеси или ниската самодоверба е постоење на хроничен сомнеж во себеси, без разлика на очигледните постигнати успеси.
Но, важно е да се нагласи дека овој феномен не претставува официјална дијагноза, туку е придружник на други состојби како анксиозноста.
Овој термин за прв пат се користи во 1970-те години од страна на психолозите Сузан Имес и Полин Кленс, кои го истражувале овој феномен кај жени со високи постигнувања, но подоцна е утврдено дека се јавува и кај двата пола, особено во областа на кариерата.
Авторките наведуваат дека неможноста да се согледа и прифати сопствениот успех, може да биде резултат на израснување во семејства кои имаат високи очекувања и вреднуваат само големи резултати. Овој синдром е придружен со високо ниво на перфекционизам, високо поставени критериуми за завршување на задачите, очекување на безгрешност и притоа, отсуство на помош од околината.
За некои луѓе, овој синдром се јавува со постојана состојба на анксиозност, претерано размислување за заслужноста на нештата, претерано планирање, однапред планирани сценарија за разгвори, тенденција за контролирање на ситуации во кои можат да бидат откриени како „некомпетентни“, а може да резултира и со самосаботажа.
Се соочуваат со мисли како „Не смеам да потфрлам“ - поставување високи стандарди за себе или „Се е на среќа“ - припишување на сопствениот успех на случајности или други надворешни фактори.
Ако се препознавте во наведените карактеристики, како да се справите со овие мисли и чувства?
- Со споделување на овие чувства со лица на кои им верувате, особено ментори во областа за која се чувствувате несигурни.
- Со пишување листа на постигнувања и лични вештини која ќе биде поставена на видно место и одвреме-навреме ќе се потсетувате на неа.
- Со преиспитување на рационалноста на сопствените мисли - не верувајте секогаш на сопствените мисли.
- Со психотерапевтска поддршка за промена на искривената перцепција за себеси и промена на обрасците на мисли - во оваа област ефективна се покажува групната и когнитивно-бихевиоралната психотерапија.
А. Т. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





