Истражувачи креирале алгоритам што го предвидува холивудскиот успех или неуспех
Дали воопшто е можно да знаете дали кариерата на некој актер ќе тргне во нагорна линија во бурната филмска индустрија на Холивуд? Изгледа дека во повеќето случаи, одговорот е да.
Истражувачите од Универзитетот Кралицата Мери во Лондон создале алгоритам кој може да предвиди дали златните години на некоја ѕвезда поминале или допрва доаѓаат, и тоа со точност од 85%.
Во истражување објавено на 4-ти јуни, научниците ги анализирале профилите на над 2,4 милиони актери и актерки од познатиот веб-сајт IMDb. Покрај тоа што ја предвидиле траекторијата на нивната кариера, истражувачите нашле шеми на полови предрасуди во индустријата, како и значајна врска помеѓу возраста и успехот.
Долгите кариери и високата активност се навистина ретки во филмската индустрија во споредба со почестиот тренд на „чудата со еден хит“, односно актерите и актерките со кариера пократка од една година. Речиси 70% од разгледуваните профили се нашле во втората категорија на краткотрајни ѕвезди. Сепак, тимот открил дека мажите кои не спаѓале во оваа категорија, имале подолги кариери за разлика од жените во истата категорија.
Не е изненадувачки дека оние кои се веќе во шоу бизнисот имаат поголеми шанси да добијат нова улога. Овие периоди кога ѕвездите постојано наоѓаат работа барем две години се успешни, а спротивни на нив се периодите кога актерите и актерките чекаат за нова работа.
Истражувачите откриле дека жените почесто имаат периоди кога чекаат за нова работа за разлика од мажите. Исто така, мажите побрзо излегувале од мирниот период, додека кај жените најчесто периодот никогаш не завршувал.
Кога станува збор за периодот познат како „златна година“, односно кога актерот или актерката има најмногу работа во една година, се покажало дека повеќето ѕвезди го доживуваат на почетокот од кариерата. Резултатите покажале дека иако и мажите и жените се најуспешни на почетокот на кариерата, за жените било потешко да ја доживеат златната година подоцна во животот.
Сепак, истражувачите истакнале дека понекогаш успехот е возможен и подоцна во животот. Земете ги за пример Лусил Бол или Морган Фримен. Но, ова се ретки исклучоци и најверојатно возраста треба да биде на ваша страна за да постигнете нешто значајно во Холивуд.
Истражувачот Оливер Е. Вилијамс кој работел на проектот изјавил дека на тимот не му било пријатно да ја предвидуваат кариерата на сегашните ѕвезди во индустријата. Сепак, додал дека некоја верзија на алгоритмот, можеби ќе ни биде достапна во иднина.
Спирова С. | Црнобело