Моргана ле Феј: Како една моќна жена од исцелител стана негативец?
Моргана, исто така наречена Моргаин или Морган, е важна фигура во легендата за кралот Артур. Нејзината врска со Артур варира, но обично е прикажана како негова полусестра.
Според најпознатата легенда таа го краде Екскалибур и го дава на нејзиниот љубовник, Аколон, со намера да го убијат кралот и да владеат наместо него. Моргана, исто така, заговара против кралицата, Гвиневир. Но во постарите раскажувања на оваа легенда Моргана е добронамерна фигура.
Опишана е како најубавата од деветте сестри кои владееле со Авалон. Таа поседувала лековита моќ и можела да го промени обликот за да лета.
Често се поврзува со различни натприродни женски ликови од келтската митологија. Моргана е наречена „Феј“ (самовила), алудирајќи на непознато потекло на нејзиниот лик. Сепак, во доцните средновековни прикази таа е почесто поврзана со зла амбиција и сексуален неморал. Зошто постои промена во портретирањето на Моргана ле Феј?
Во доцниот средновековен период, магијата се поврзуваше со вештерството и ѓаволот. Сепак, Мерлин секогаш бил третиран љубезно, иако понекогаш е опишан како син на демон, бидејќи се сметал за заштитник на Артур. Тој, секако, е и човек. Во меѓувреме, Моргана е осудувана поради тоа што е жена која бара магична и политичка моќ.
Неодамнешните прикази на Моргана, особено во литературата, се обиделе да пренесат дел од комплексноста на нејзиниот лик. Во книгата „Маглите од Авалон“, Марион Цимер Бредли ја прикажува Моргана како бранител на старата паганска религија на Британија против вмешување на христијанството.
Меѓутоа, во повеќето портретирања во филмови и серии, Моргана и понатаму е прикажана како негативец. На пример, во серијата „Мерлин“ Моргана му е пријателка на Артур, како и на Мерлин, но на крајот ги предава.
На Моргана ѝ се даваат веродостојни причини за нејзината промена. Таа открива дека е нелегитимна ќерка на Утер кој нема намера да ја признае.
Но при крајот на серијата се чини дека е мотивирана единствено од омраза и алчност. Нејзиното будење на магични сили и нејзината желба да владее над Камелот води до нејзиниот морален пад.
Во поголемиот дел од литературата за кралот Артур, жените и вештерството се презентираат преку Моргана, одразувајќи ги предизвиците и заканите кои биле поврзани со овие теми во средниот век во едно патријархално општество.
„Querelle des Femmes“ беше литературна дебата за улогата на жените во средновековното општество и за областите во кои беа исклучени или вклучени, како политика и религија. Дебатата, која започна во Франција, се фокусираше на стереотипните идеи за женскиот статус.
Кај Моргана овие аргументи се гледаат преку нејзиното однесување, како и однесувањето на другите машки и женски ликови.
Верувањето во магија постои од најраните времиња на човештвото. Волшепство и другите форми на магијата се важен дел од приказните за Артур, а исто така беа широко прифатени како дел од средновековниот живот.
Магијата стана неприфатлива за христијанската црква како сериозна закана, особено од жените, кои премногу често ги трпеле последиците.
Дамата од езерото го спасува Артур, а во општествените рамки се гледа како добра жена, која го поддржува и го брани патријархалниот ред, додека е Моргана лоша жена, отпадник, која не се однесува како што треба.
Бидејќи не можела директно да се бори, поради нејзиниот пол, таа го искористи витешкиот ред за да ја нападне строго патријархалната „Артуријанска држава“.
Далеку од пасивниот учесник во настаните, како Гвиневер, Моргана е активен агент кој ги киднапира витезите на Артур. Независна, силна, интелигентна жена, вооружена со волшепство, се смета за опасност за патријархатот и за средновековното општество.
За да ѝ се спротивстави ѝ се дава репутација на сексуален предатор и предавник на семејството, темелот на средновековното општество, а нејзината магија станува вештерство.
Нејзината улога му е претставена на читателот како пример за сè што жена со висок статус во средновековното општество не треба да биде. Ова стигматизирање на нејзиниот лик е последица на нејзината магија, независност и интелигенција.
Моргана ле Феј стана икона на пред-римските и претхристијанските приказни. Таа е популарен лик и во современата поп-култура. Уметниците сè уште снимаат песни, создаваат слики, цртежи и пишуваат книги за неа. Секогаш е претставена како убава жена облечена на многу атрактивен начин.
Дали била вистинска личност, или само легенда, таа е несомнено една од најпознатите жени од средновековна северна Европа. Приказнните за кралот Артур се многупати раскажани. Овие приказни никогаш нема да го изгубат своето влијание врз популарната култура.
Моргана стана една од најголемите негативци во приказната, бидејќи не го поддржуваше Артур и неговиот Камелот. Но зошто треба да претпоставиме дека Камелот и Артур ја заслужиле нејзината поддршка? Дали во 21-от век жената треба да се смета за зла, бидејќи сака моќ за себе?
Артурските приказни можат да бидат лековити, опасни, прекрасни и отворени за толкување. Од магијата на зборовите читателот сам го создава своето волшебно искуство и сопствената интерпретација за ликот на фамозната Моргана ле Феј.
Ашера | Црнобело