5 начини на кои никако не им помагаме на пријателите во криза
Со некого може да го имаме и најстабилното пријателство на светот, но кога ќе дојде момент да треба да се разговара за некој реално голем проблем, да не знаеме да ги одбереме зборовите, ниту да ги врземе во реченица.
Секако, пријателството не е нешто што се учи од книга и неговата вредност не се проценува само по два или три параметри, туку се работи на збир од однесувања, чувства, постапки и достапност.
Но, кога нештата ќе згустат и кога на нашите пријатели им треба наша помош, како да се случува застој во работата на нашиот мозок и им даваме совети кои воопшто не им помагаат.
Им давате преочигледни совети
Кога пријател доаѓа со проблем и ви се обраќа за помош, тогаш му треба некој совет што е различен од стандардните. Наместо да одржите клише говор, кажете како вие би постапиле, бидејќи на тој начин можете да дојдете до парчето мудрост кое ви е потребно за да го решите проблемот.
Никогаш не се однесувајте во стил „твојот проблем никогаш не може да ми се случи мене“, бидејќи верувајте, вашиот пријател веќе е свесен за тоа. Бидете им поддршка и резервен мозок, за да можете да им помогнете.
Се оградувате од проблемот
Не морате да нагласувате дека вие не сте дел од проблемот бидејќи, повторуваме, вашиот пријател веќе е свесен за тоа. Нема ништо повознемирувачко од тоа некој да страда и да не ја добие очекуваната поддршка од оној кој го смета за близок.
Без разлика кој и да е проблемот, не се расфрлајте со филозофии и математики, бидејќи она што првично им треба се емпатија и сочувство, а откако ќе се смират од првичниот шок, тогаш настапуваат решенијата.
Да споредувате со ваше искуство
Да, јасно е дека на секого му се има случено нешто слично, па дури и исто, но која е потребата да го нагласувате тоа? Ако веќе сте го преживеале и сте се избориле со тоа, споделете го искуството.
Најмногу што можете да направите е да го раскажете своето искуство како анегдота на крајот од разговорот. Но, никогаш, апсолутно никогаш немојте да споредувате, ниту пак да нагласувате дека во одреден момент вам ви било потешко отколку нив сега.
„Погледни на светлата страна“
Кога луѓето имаат проблеми, воопшто не им е до гледање на светлата страна, ниту до извлекување важни животни лекции од ситуацијата. Во моментот е најважно да се реши проблемот, од каква и да е природа, а штом ви се обраќаат, тогаш навистина не им е до клишеа од типот „ќе видиш дека вака е најдобро за тебе“.
Некои проблеми се решаваат со едноставно развеселување, но за други тоа е како да лепите обичен фластер врз отворена и инфицирана рана и да очекувате дека само од себе ќе зарасне.
Потребата да кажете што било
Во најголем број случаи, на вашиот пријател му треба оној на кој му верува (вие) за да може да ја олесни тежината која му е собрана. Многу често, воопшто не се ни очекува совет од вас, туку само поддршка.
Да, малку е чудно да не речете ништо, но подобро да оставите реакцијата да биде природна, наместо да се трудите да смислите нешто што може да биде и сосема погрешно и не на место.
Е. Д. | Црнобело