Како да препознаете дали сте асексуална личност?
Ни самите не сте сигурни дали се работи за фаза или определба, но веќе извесно време не сте заинтересирани за никакви сексуални односи, со никого.
Околу асексуалноста, како и за сè друго што отстапува од традиционалните граници на „нормалното“, ретко се зборува отворено, па на некои лица не им е јасно дали се идентификуваат со нејзе.
За некој да се изјасни дали е асексуален или не, најпрво треба да обрати внимание на себе и да умее да ги препознае чувствата и мислите.
Што НЕ е асексуалност?
Долго време асексуалноста се дефинираше како недостаток на сексуална желба, намалено либидо или исчезнување на страста кон партнерот. Исто така, асексуалноста не е избор (не мешајте ја со целибат и апстиненција), не е нарушување и не е резултат на хормонални промени.
Таа постои во спектар и се манифестира во различни форми и концептот е доста комплициран, бидејќи во првиот момент кога личноста ќе почувствува сексуална привлечност кон кого и да било, веќе спаѓа во друга определба.
Кои се знаците на асексуалноста?
На пример, сите ваши пријатели зборуваат колку се привлечени од личноста која им се допаѓа, како се чувствуваат и опишуваат искуства, но вие не се препознавате во ништо од тоа.
Исто така, не можете да сфатите како една група е привлечена (сексуално) од познат згоден актер, кога за вас тоа е само естетика. Да, вие сте свесни за појавата на Џејсон Момоа во „Аквамен“, но во вас тоа буди чувства исто како кога ќе видите убаво аранжиран букет со рози.
Ова не значи дека некои асексуални личности не фантазираат за некаква сескуална акција, но тоа им се случува занемарливо ретко, што не ни придаваат значење. Може да се случи некој да ви ги предизвикува сите оние пеперутки во стомак, но никогаш да не воспоставите реална блискост.
Кај асексуалните речиси никогаш ја нема појавата на фатална привлечност, а некогаш можат и да изгубат интерес за одредена личност дури и ако претходниот ден биле сигурни дека можат да дадат шанса за нешто повеќе.
Најјасниот знак е изостанувањето на интересот за секс, со кого и да е.
Дали асексуалците имаат чувства?
Една од најчестите погрешни интерпретации на асексуалноста е дека овие луѓе немаат чувства. Тие умеат да сакаат како и сите други, ги обожаваат семејството, пријателите и милениците, но нивните емоции се групирани на поинаков начин.
Исто така, не се вознемирувајте ако забележите промени кај себе. Многу често, може да преминете во која било од другите определби, во зависност од тоа какви чувства ќе се појават кај вас и кој ќе ги предизвика. Но, факт е дека постојат и оние на кои асексуалноста им е крајна определба и во тоа нема ништо страшно, бидејќи секој за себе го избира она во кое се чувствува најудобно - исто како и облеката.
За крај, едно од најпогрешните верувања е дека овие лица воопшто немаат секс. Како што веќе спомнавме, асексуалноста не треба да се меша со целибат, бидејќи тоа е свесна одлука за прекин на сексуалните односи. Овие личности и понатаму можат да имаат одличен секс и да останат асексуални, тие можеби и мастурбираат, а можеби не прават ништо од ова.
Да се биде асексуален не значи страв или свесно одбивање на секс, интимност или љубов, туку дека вие сексуалната привлечност ја доживувате на многу поуникатен начин од мнозинството - а во тоа навистина нема ништо лошо.
Е. Д. | Црнобело