Како да ги надминете 8-те најчести видови внатрешен конфликт?
Некогаш навистина е полесно да се победи во конфликт со многу други луѓе, отколку со самиот себе.
Внатрешниот конфликт дава чувство дека сте заглавени во маѓепсан круг од кој не можете да излезете како победник.
Понекогаш може да сте свесни за тоа што ви се случува и полесно да го вклучите мозокот, но понекогаш е потребно многу повеќе време и анализирање за да дојдете до проблемот.
Внатрешните конфликти може да бидат исцрпувачки, особено бидејќи не постои физичка пречка која би ја победиле или од која би изгубиле. Технички гледано, во ваквите ситуации сте и победник и губитник.
Постојат осум најчести видови интерен конфликт, а ова се неколку совети кои ќе ви помогнат да ги надминете:
1. Морален конфликт
Моралниот конфликт настанува кога имаме контрадикторини ставови за одредена тема, која засегнува одредени етички вредности. Се случува кога имате избори од кои сите се добри за вас, но се обидувате да го изберете тоа што ќе направи најмала штета наоколу.
Платон ваквиот конфликт го објаснил во своето дело „Републиката“, со примерот кога земате нож од пријател кој не е во најдобра ментална состојба и се одлучувате дали да му го вратите. Од една страна вие крадете, односно задржувате предмет што не е ваш, а од друга, заштитувате некој од повреди.
2. Сексуален конфликт
Секојдневна појава во која се спротивставуваат вашите однапред зацртани вредности со новонастанатата ситуација.
На пример, сексуален конфликт се појавува кога влегувате во врска со разведен партнер иако сте се колнеле дека нема да го направите тоа или пак, ако цел живот верувате во моногамија, а сфаќате дека ви одговараат и доста покомплицирани ситуации.
3. Религиозен конфликт
Овој конфликт се појавува кога припаѓате на одредена религија, но со тек на време ви станува јасно дека не ви се допаѓаат учењата и не верувате во нив. Истото може да се случи и доколку најдете научно објаснување за нешто што религијата го прифаќа како чудо.
Дополнително комплицирање на ситуацијата е кога успевате да се пронајдете во друга религија и треба да одлучите дали да смените, на сметка на лутината на семејството или да останете, на сметка на својот внатрешен мир.
4. Политички конфликт
Верувате во идеалите на една партија, но во реалноста излегува дека ниту самата партија веќе не ги почитува. Уште потешко е доколку работата на друга партија стане поблиска до вашите верувања и ставови.
Ваквиот конфликт може да доведе до реални конфликти со луѓето околу вас, па најдобро е да го решите со самите себе. Во никој случај не се изолирајте од општествениот живот и гледајте ги нештата од повеќе страни. На крајот на денот, воопшто не ни морате да бидете политички определени.
5. Љубовен конфликт
Љубовта, всушност е еден од најчестите начини на презентација на интерен конфликт. На пример, се вљубувате лудо во некого, но сепак не сакате да бидете во врска, или пак, да имате среќна врска, но вашиот партнер да ве нервира и да го влече најлошото од вас.
Романтичните врски, во основа, ги прават луѓето почувствителни, а со тоа и поплашливи, но и поотпорни, па затоа и постојат динамични тензии меѓу партнерите.
6. Конфликт со сликата што ја имате за себе
Ова се случува поради тоа што веруваме дека сме едно, а во принцип сме сосема друго. На пример, иако за себе верувате дека сте љубезна и пристојна личност, кога некој ќе ве вознемири, воопшто не ви е тешко да зборувате зад грб на таа личност, што воопшто не е љубезно.
Друга ситуација во која се јавува конфликт со себе е кога изгледате добро, но не можете да се прифатите себе. Постојат и други крајности, кога на личноста ѝ е потребна уште малку работа за да изгледа добро, но кога има претерана самодоверба и не умее да ги камуфлира недостатоците.
7. Интерперсонален конфликт
Ваквиот конфликт настанува кога треба да се однесувате љубезно и пристојно со личност која не ви се допаѓа. Најчесто се појавува на работа, кога треба да се биде во коректен однос во колеги.
Не треба да дозволите ваквите ситуации да влијаат врз вас, бидејќи можете да изберете со таа личност да комуницирате строго професионално.
8. Егзистенцијален конфликт
Егзистенцијалниот конфликт се појавува кога имаме избор, но мора да одлучиме што е најдобро за нас, без да си ја загрозиме егзистенцијата. Најчесто се појавува кога треба да изреагираме на некоја неправда на работното место или пак, ако треба да дадеме отказ и да заминеме во друга компанија.
Не само за работата, овој конфликт се појавува и во многу други ситуации кога треба да одлучиме што е добро за нас, што ќе ни донесе благосостојба на подолг план или пак, ќе помине за кратко време.
Постоењето на овие конфликти не дава објаснување зошто се појавуваат, но нивното разбирање помага да ги надминеме. Давањето отпор кон нови нешта, приврзаност кон верувања и луѓе, како и недостатокот на визија се само дел од причините поради кои не можете лесно да се ослободите од интерните конфликти.
Најлесниот чекор во нивно надминување е доброто познавање на себе и своите можности. Во ваквите ситуации разговор со себе ќе ви помогне за да бидете начисто што сакате од секоја ситуација. За кој било од овие осум конфликти, потребно е да бидете јасни и искрени кон себе, а решението ќе ви дојде спонтано и интуитивно.
Е. Д. | Црнобело