Од каде доаѓа мирисот на дождот, кој многу луѓе го обожаваат?
По подолг дождлив период, во околината чувствуваме мирис кој е толку чист, пријатен и примамлив, што дури и многу произведувачи го користат како основа на нивните парфеми.
Во создавањето на овој мирис учествуваат самиот дожд, почвата, тревата, останатите растенија, микроорганизмите и хемиските елементи кои ги има во капките. Ваквиот мирис е познат уште како „петрикор“, а многу биолози и парфимеристи се обидуваат да го синтетизираат во лабораториски услови.
Терминот „петрикор“ доаѓа од група австралиски истражувачи, кои во 60-тите години го истражувале токму овој мирис на вода и земја.
Како што веќе кажавме, овој мирис е комбинација од влажност, почва и микроорганизми, како и растенија и минерали. Кога дождот ќе падне на почвата, се создава мирисна молекула благодарение на микроорганизмите од природата, наречена геозмин.
Капките кои ќе паднат на земјата придонесуваат геозмините да се ослободат од микроорганизмите, најчесто стрептомицети, а со тоа нивниот мирис да биде сè поприсутен во воздухот. Многу животни се чувствителни на овој мирис, но луѓето имаат изразена способност да го почувствуваат дури и во мали количини.
Според произведувачите на парфеми, ваквиот мирис потсетува на слобода, на природа, на чувство на леснотија, па затоа и многумина се обидуваат да го ископираат во своите козметички производи.
Во кои парфеми можете да ја најдете оваа нота?
Кога ќе почувствувате изразено зелен мирис во некој парфем, тогаш многу е веројатно дека производителот користел синтетички петрикор во текот на производството.
Примери за такви парфеми се „Splash: Rain“ на Marc Jacobs, „Un Jardin Apres la Mousson“ на Hermes, „Dawn“ на Сара Џесика Паркер, „Cristalle“ на Chanel, „Oxygene“ на Lanvin, како и „Kenzo Amour Florale“ на Kenzo и „Rain & Angelica“ на Jo Malone.
Е. Д. | Црнобело