5 работи кои лажно ги претставуваме на социјалните мрежи

Благодарение на низата можности, филтери и добри камери, лесно може да ги манипулираме нашите фотографии, а со тоа и целокупната слика за својот живот на социјалните мрежи.

5-raboti-koi-lazhno-gi-pretstavuvame-na-socijalnite-mrezhi-1.png

На Фејсбук, а посебно на Инстаграм, окружени сме со убави бои, интересни информации и примамливи фотографии.

Некако се чини дека секој корисник на социјалните мрежи води еден беспрекорен живот, полн со убавина, забава и возбуди. Сепак, да не се залажуваме...

Секој од нас барем во еден дел ги прикажал нештата во поинакво светло од она што навистина се.

Еве за што сè и како „лажеме“ на социјалните мрежи:

1. Изглед

Можеби се работи за најситни промени и корекции, но повеќето профили ги красат фотки со побели насмевки, беспрекорна кожа, сјајни очи, а неретко и неколку килограми помалку од изгледот што го прикажува огледалото. Не, тоа не е ништо чудно, ниту страшно, а го правиме многумина, но факт е дека со своите совршени фотографии го „лажеме“ секој што ќе се одлучи да не побара на социјалните мрежи, бидејќи, всушност, тоа и не е нашата реална слика.

5-raboti-koi-lazhno-gi-pretstavuvame-na-socijalnite-mrezhi-2.jpg

2. Врски

Љубовните искри не престануваат да фрчат на Инстаграм и Фејсбук, а секој нов ден е уште една романтична бајка. Од друга страна, сè уште не се појавил храбриот пар што на својот профил редовно ќе ги објавува и своите расправии околу нередот во кујната или WC-школката, или, пак, кој како профилна фотографија ќе стави несредена утринска фотка во домашни наметки. Ничија врска не е совршена, се разбира, но зошто па баш на нашиот пример мора да го увидат тоа илјадниците „пријатели“ и „следбеници“ на социјалните мрежи, зар не? Пссст!

5-raboti-koi-lazhno-gi-pretstavuvame-na-socijalnite-mrezhi-3.jpg

3. Излегувања

Пријателите на социјалните мрежи имаат толку возбудлив живот, што понекогаш се прашувате дали живеат во Македонија, или, пак, се преселиле на Ибица? Низ фотографиите од журките, настаните, концертите, излетите во природа или излегувањата во фини ресторани, секојдневно сведочиме на Фејсбук и Инстаграм за сечии бескрајни авантури. Но, тоа не мора да значи и дека нешто лудо се забавуваат во секој миг. Една фотка од „ноќта за паметење“, објавена на интернет денот потоа, не е и сигурен показател дека таа иста вечер не сме зажалиле што воопшто сме излегле, размислувајќи како дружбата со добра книга во својот удобен кревет можеби ќе била многу попаметна идеја.

5-raboti-koi-lazhno-gi-pretstavuvame-na-socijalnite-mrezhi-4.jpg

4. Патувања

Сите со љубопитност и восхит ги следиме прекрасните фотографии од патувањата на пријателите, гледајќи ги како се сончаат на некоја преубава егзотична плажа или уживаат во крстарењето по Медитеранот. Животот понекогаш не е фер, нели? Но, што е со сите оние моменти кои не завршиле на интернет? Факт е дека, некаде и некако, среде патувањето можеби се изгубил багажот, на аеродромот се чекало со часови, летот бил непријатен, а сместувањето далеку полошо од привлечната хотелска соба на фотките, која изгледа како од реклама. Патувањето веројатно не било толку идилично како што се чини, но на социјалните мрежи (поприлично) сме потрудиле за тоа никој да не дознае.

5-raboti-koi-lazhno-gi-pretstavuvame-na-socijalnite-mrezhi-5.jpg

5. Вежбање

Селфи сликите пред огледало, со подигната маичка и шишенце вода (или протеински пијалак, зависно од амбициозноста) во теретана, прераснаа во вистински хит на социјалните мрежи. Целта на овие фотографии и не баш секогаш е да се мотивираат луѓето на здрав начин на живот, иако може и така да делуваат. А, ако и фотката ја надополниме со некоја добра мотивациска фраза, тогаш дефинитивно никој нема да забележи дека, всушност, само сме сакале суптилно да му ја прикажеме својата завидна линија на светот, а можеби и да стекнеме некој обожавател повеќе. Но, да се надеваме дека во паузите меѓу фоткањето, сепак, посветувате и по некоја минута на тренинг. Теретаната првенствено служи за вежбање, или не?

5-raboti-koi-lazhno-gi-pretstavuvame-na-socijalnite-mrezhi-6.jpg

М. А. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

10 работи кои парите не можат да ви ги купат во животот Достоинство, љубов... Потсетник дека најважните работи во животот не можат да се...
9 работи од кои треба да се откажете (за да живеете среќно) Откажете се од навиката судот на другите луѓе да ви диктира како да се однесуват...
9 работи кои секој ден ги земаме здраво за готово (а за кои треба да сме благодарни) Во Македонија како кукањето да ни стана навика. Ајде наместо да се жалиме, да се...
10 фотографии од секојдневниот живот кои ќе ви го стопат срцето „Мојата прабаба, која има 103 години, се смее додека во раце ја држи ќерка ми“, ...
5 работи кои често ги купуваме, а кои (реално) не ни се потребни Денес се многу популарни справите за вежбање кои се користат дома. Ги гледа...
Бизарните обичаи на африканското племе Хамар: Жената се камшикува за да докаже дека е достојна за бр... Пред да се ожени со неа, мажот ја камшикува жената, а таа не смее ни да заплаче,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg