7 интересни карактеристики кои ги поседуваат луѓето со изразена креативност
Креативноста функционира на чудни начини, кои дури и науката понекогаш не може целосно да ги објасни.
Истражувањата покажале дека креативниот процес вклучува голем број на когнитивни процеси во сите делови од мозокот (не само од десната страна), но сепак она за кое не можат да понудат објаснување е како кај многумина, креативните идеи доаѓаат од буквално одеднаш или пак зошто нивната креативност „пресушува“ во моментите кога им е најпотребна.
Психолошки гледано, тешко е да се каже што точно ги дефинира креативните карактери, но сепак постојат некои карактеристики кои во голем степен се забележливи кај креативните луѓе.
Ако кај себе ги забележите повеќето од овие карактеристики, тогаш голема е веројатноста и вие да сте дел од оваа група луѓе.
1. Знаат да ги поврзат точките
Една од најпознатите мисли на Стив Џобс е: „Креативноста е едноставно поврзување на нештата“.
Ако постои нешто коe ги одвојува луѓето со изразена креативност од другите, тоа е нивната визија – нивната единствена способност да гледаат можности каде другите гледаат само нелогичности.
Низ главите на креативните луѓе постојано се движат нови и нови идеи, заради што тие постојано размислуваат, сонуваат со отворени очи и прават планови во главите. Сето тоа им овозможува лесно и едноставно да ги поврзат точките.
2. Тежнеат да останат доследни на себе
Тоа не се луѓе кои ќе ја компромитираат сопствената личност за да ги задоволат другите. Нивната мотивација доаѓа од нив самите, од нивната внатрешна желба, а не од наградите или признанијата од другите.
Тие го прават она за кое чувствуваат дека е правилно, без оглед што другите ќе кажат, помислат или ќе почувствуваат.
3. Одвојуваат време за себе
Креативните луѓе често ќе ги најдете во нивната „приватна зона“ како сликаат, пишуваат, читаат, танцуваат... Ваквата состојба им овозможува да достигнат најголема концентрација, од која апсолутно ништо не може да им го одвлече вниманието.
4. Ги претвораат пречките во можности
Некои од најпознатите песни, слики и приказни се инспирирани од трагични настани и болка – нешта кои ги предизвикале авторите да ги создадат нивните најважни дела.
Креативните луѓе секогаш бараат начин да ги надминат ограничувањата, а она кое за обичните луѓе претставува пречка, за нив е само можност за нов раст и успех.
5. Уживаат во осаменоста
Креативните личности се често стереотипизирани како осаменици, и иако тоа понекогаш може да не е точно, сепак осаменоста е клучниот фактор кој ја активира нивната креативност.
Потребно им е да си посветат време сами на себе, едноставно за да му дозволат на нивниот ум да талка. Вистинските креативци имаат моќ конструктивно да го искористат времето поминато во самотија.
6. Знаат да се сосредоточат на моментот
Умешноста да се сосредоточите на даден момент е невидлива алатка за ослободување на креативноста тогаш кога ви е најпотребна. Некои од најдобрите светски изведувачи, писатели и сликари се познати како личности со јасно фокусирано размислување.
Некои истражувања укажуваат дека одредени техники за медитација може да ја подобрат работата на мозокот и да ја зајакнат креативноста.
7. Сакаат да набљудуваат
Тие по природа се набљудувачи и секогаш се љубопитни за нештата кои ги опкружуваат. Уживаат да ги гледаат луѓето и понекогаш ги добиваат најдобрите идеи гледајќи ја интеракцијата меѓу останатите.
Големите писатели особено тежнеат кон набљудување на луѓето, во обид што подобро да ја пренесат човечката природа во нивните дела.
М. С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





