Една типична зима во Македонија, низ очите на девојка од Холандија
Деновите со екстремно високи температури конечно завршија, јеј! Есента почна и го сакам ова време од годината кога листовите менуваат боја и температурата се спушта до степен каде можеш да носиш удобни елеци и топли џемпери.
Но, кога живееш во Скопје, есента може да трае приличо долго.
Во изминатите неколку години немаше многу снег или температури под нулата. Но, ова е за Скопје, на планините е друга приказна.
Една работа која секогаш со нетрпение ја очекувам е зимската храна - зимница.
Луѓето тука исто така ја нарекуваат и ајвар сезона, едноставно заради најпопуларното јадење кое се подготвува во овој период од годината. Ќе го најдете во сите домови и се подготвува од благи црвени пиперки.
Од мирисот на печени пиперки ти доаѓа да си ја лизнеш устата, а се чувствува низ сите градови и села.
Има неколку варијации, некои рецепти се полути, други мешаат повеќе зеленчуци, како моркови и кромид.
Според мене, највкусниот начин да јадеш ајвар е на парче тазе леб со трошки бело сирење врз него.
Киселите краставички им се познати на сите луѓе во светот, но јас не бев запознаена со скиселен зеленчук додека не ја посетив Македонија.
Тука тоа го нарекуваат туршија и е популарен метод за скиселување на зеленчуците. Можете да најдете кисели моркови, карфиол, домати и секако, краставички. Но, кога ќе ги исечкате сите овие зеленчуци и ќе ставите малку масло и бибер во нив, тоа станува руска салата. Овој рецепт всушност се разликува од регион до регион.
Повеќето луѓе ја знаат втората варијанта на руската салата. Тука се работи за внимателно исечкани зеленчуци и месо, премачкани со мајонез. Може да исечкате моркови, компири, јајца, шунка, кашкавал, да додадете грашок и да измешате со мајонез. Секако, и киселите краставички може да се најдат во неа.
Оваа салата (не баш најздрава!) е многу популарна на прославите како родендени и зимски слави. Заради тешката текстура се смета како зимски специјалитет, но може да се набави во било кој период од годината.
Ова време од годината е исто така почеток на подготовките на киселата зелка. Зелката се става во буриња со вода и сол, а од време на време треба сето тоа да се промеша, за зелката да добие кисел вкус.
Кога зелката е целосно потопена и омекната, може да ја јадете како салата со црвен пипер.
Но, еден од моите поомилени зимски рецепти е сарма. Може да се прави од кисела или свежа зелка, па и лозов лист ќе заврши работа.
Еден лист зелка се полни со ориз и мелено месо и се витка. Исто така, и ова јадење има повеќе варијации. Некои додаваат чадено месо, сланина, шунка или сечкан зеленчук во оризот.
Сармата се прави во големи количини, па може да биде подгреана и јадена со денови во зима.
Веројатно сега сфаќате зошто го сакам овој период од годината - заради зимницата!
Авторката на текстот е Холанѓанка која е доселена во Македонија заради својата љубов.
Повеќе за нејзиниот живот во нашата земја може да пронајдете на нејзиниот БЛОГ.
Би можело да ве интересира:





